Регионалната ТВ Н1 добила писмо со смртни закани за новинарите

Вработените во регионалната телевизија Н1 добиле писмо со закани за смрт за новинарите и нивните семејства кои се посочени како „антисрби“ и „предавници“ поради тоа што медиумот наводно ја признал независноста на Косово, како и поради нивното известување за анти-владините протести кои се случуваат низ Србија изминатиов период.

Дополнително во писмото стоела закана дека зградата на телевизијата ќе биде „дигната во воздух“. Писмото е потпишано од „Белградски ветерани од војните 1999 година“, а покрај заканите во писмото имало и членска книшка од Сојузот на воени ветерани на Србија.

„Дали вие имате семејства, ги убивате нашите деца и внуци, а не сте свесни дека ако дојде до рушење, вашата зграда меѓу првите ќе биде дигната во воздух, а може да се случи да останете и без вашите најмили. Затоа, ние ветераните, ве предупредуваме да не играте со ничија судбина бидејќи вашата судбина е во наши раце“, се наведува во писмото.

Претседателот на Сојузот на воени ветерани, Жељко Вукелиќ вели дека тие не стојат зад пораките и бараат полицијата да го истражат случајот.

Од Н1 велат дека заканите ги пријавиле во полиција.

Заканите ги осудија и српските новинарски здруженија, кои од истражните органи побарале итно расчистување на случајот, но и јавна осуда на овој чин од највисоките државни функционери, како претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ.

Според одредбите од српскиот Кривичен законик, за загрозување на безбедноста преку закани кон лицата кои вршат работи од јавен интерес се предвидува затворска казна од шест месеци до пет години.