Регионална конференција за авторските и сродни права во Скопје на 26 септември

Петтата балканска регионална конференција на Меѓународната федерација на фонограмската индустрија ќе се одржи во Скопје на 26 септември во „Александар палас“.

Легализацијата, спроведувањето и реализацијата на сродните права во регионот, состојбите на секоја држава поединечно, како и практиката во спроведување на директивите на ЕУ се дел од агендата на конференцијата.

Темата на конференцијата е легализација, спроведување и реализација на сродните права во регионот, состојбите на секоја држава поединечно, практиката во спроведување на директивите на ЕУ што се однесуваат за заштитата на правата, како и ефективно прибирање на средствата од користење фонограми, како и правичноста во распределбата.

Оваа конференција нема фиксна локација, се одвива на повеќе локации, а претходните се во земјите од Западен Балкан.

На конференцијата ќе учествуваат претставници на ММИ (Македонска музичка индустрија), Министерството за култура, МФФИ, потпретседателот на германската дискографска куќа „Јуниверзал рекордс ГМБХ“, советникот на канцеларијата на МФФИ за авторски и сродни права од Брисел, како и претставници на сите регионални балкански организации за заштита на сродните права и претставници на соодветните тела во државите одговорни за доделување дозвола и лиценца за работа на здруженијата.

Меѓународна федерација на фонограмската индустрија, главен организатор на Балканска регионална конференција, ja претставува музичката индустрија во целиот свет со 1.300 членови во 66 земји и филијали на индустриски асоцијации во 55 земји.

МФФИ е непрофитна организација регистрирана во Швајцарија, со седиште во Лондон и регионални канцеларии во Брисел, Хонгконг и Мајами.

Меѓу учесниците на конференцијата се и Нилс Бортлоф, потпретседател на „Јуниверзал мјузик ГМБХ“ за правни и деловни работи, Германија, Ханес Едер, генерален директор на „Јуниверзал мјузик“ за Австрија и Западен Балкан, Австрија, Давиде Батистели, Меѓународна федерација на фонограмската индустрија ИФПИ, Финска, Кристина Канушкаускаите, правен советник на ИФПИ канцеларијата во Брисел, Белгија, Боштјан Менарт, претседател на Собранието на Завод ИПФ, Словенија и Грегор Штиберник, директор на Завод ИПФ, Словенија.

Извор: Телеграф