Регионална конференција: Медиумите и јавниот интерес – ризици и предизвици

Центарот за развој на медиуми во среда организира регионална конференција „Медиумите и јавниот интерес – ризици и предизвици“, која ќе се одржи во „Холидеј ин” од 10 до 18 часот.

„Оваа конференција е посветена на повеќе прашања поврзани со медиумите и нивниот однос кон јавниот интерес. Посебен акцент во дискусијата ќе биде ставен на тоа, како врз работата нa медиумите и слободата на информирање, влијае се поприсутниот тренд на авторитарни форми на владеење во земјите од регионот, на значењето на истражувачкото новинарство во еден ваков општествен амбиент, но и на начинот на кој медиумите ги третираат и треба да ги третираат различните оштествени групи и заедници“, се вели во најавата за настанот.

На Конференцијата, во четири засебни сесии, ќе говорат бројни гости од академската и медиумската заедница во регионот (Унгарија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора) и во земјава, како и претставници на меѓународни организации (Совет на Европа).

Конференцијата е дел од активностите кои Центарот за развој на медиуми ги спроведува во рамките на програмата на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Република Македонија и Проектот за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера.