Регионален студентски форум во Скопје

Левичарското движење „Солидарност“ го организира првиот Регионален студентски форум, кој ќе се одржи во сабота (21 ноември), на Филозофскиот факултет при УКИМ. Целта на Форумот е да ги консолидира постоечките врски меѓу студентските активисти низ регионот во мрежа со потенцијал за здружено делување.

„Делиме повеќе од солидарност за битките на нашите другар(к)и активисти од Тирана, Приштина, Солун и Белград. Делиме слични предизвици, но и амбиција за поголеми и подлабоки промени. Се среќаваме за да ги дискутираме и споредиме недостатоците во високото образование, како и различните форми на отпор против нив низ националните контексти. Истовремено, се среќаваме и со желба за креирање платформа за проширување на нашите локални акции преку границите, низ здружено делување и меѓусебно омоќување“, се вели во најавата за настанот.

На форумот ќе учествуваат активисти од пет студентски движења од Македонија, Србија, Косово и Албанија. Форумот ќе биде модериран од Миранда Фејзулаху и Клементина Ристовска од ЛД „Солидарност“.

Дискусиите ќе се водат на англиски јазик, а почетокот на форумот е најавен во 15:00 часот, во амфитеатар 3.