„Регенерација“- нова емисија на Радио МОФ, посветена на реге музиката

Стартува нова музичка емисија на Радио МОФ, насловена „Регенерација“, а посветена на реге музиката. Водител и автор на емисијата, која е  замислена како 90-минутно катче за реге и стиловите кои излегуваат од него (даб, денсхол, ска итн.) е Гето Руди. Првото издание не случајно е закажано во среда, од  21.30 часот до 23 часот бидејќи го „слави“ роденденот на Боб Марли (6 февруари).

„Регенерација“- нова емисија посветена на реге музиката

Во „Регенерација“ , ќе се презентира модерното реге, во периодот од 2000 година, па се до денес. Според најавата ќе се презентираат и сите најновите албуми и хитови кои се појавуваат на музичкиот пазар, а ќе се слуша музиката на најголемите имиња на денешното, современо реге: Тања Стивенс, Џентлмен, Албороси, Лучијано, „Морган Херитиџ“, Демијан Џуниор Гонг Марли, Мака Би, сè до македонската реге-сцена: „Конкеринг Лајон“, „Канон“, па и „Суперхикс“.

Секоја емисија ќе биде посветена на еден музичар или бенд,  а ќе се селектираат хитови што низ годините долго време биле на првите места на музичките топ-листи на Јамајка, во Велика Британија и во светот. Исто така ќе се презентираат и хитовите што во моментот се на денсхол топ-листите во светот.

Гето Руди својата прва радиоемисија „Гето Руди – враќање на стариот звук“ ја прави на „Студентски радио“, од 1999 до 2000 година. Во меѓувреме, се појавуваат текстови за реге музиката и реге културата во „Студентски збор“ и во култниот месечник „Урбан магазин“, исто така потпишани од него. Во 2001 година, Јаман, Гето Руди и Рутбој од Струга го основаат првиот саунд систем во Македонија, наречен „Актив раста селекторс“ кога се појавува и Бартлинг со неговите реге-журки по скопските клубови.

Од 2002 година се шири реге-сцената во земјава, има неколку реге-радиоемисии, а се појавуваат нови реге-селектори и по некој концерт („Џамби“ и Питер Брогс на „Аларм“, „Дара Џи“ и Ли Скреч Пери на „Оф фест“, „Вејлерс“ на „Таксират“, Ел Кондорсито во „Миднајт“, „Рутс Соулџа“ во „Кастро“).

Почетоците на реге-сцената во Македонија пак се врзуваат со осумдесеттите години на минатиот век, кога бендови како „Цилиндар“ во својата музика внесуваа реге-елементи. Во творењето реге најмногу се истакнува Ристо Самарџиев, кој во 1989 година на „Макфест“ настапи со реге-песната, „Паричка“, испеана заедно со Питер Џон Босе. Низ деведесеттите години се појавува по некоја реге-песна како „Октавијан“ со популарниот Јапан и „Голи, во коли, се возат и ми се смеат

Последниве години сцената замира, а на територијата на Република Македонија во моментов не постои друга радиоемисија посветена на реге-музика.