Референдумот во Центар не успеа, на гласање излегоа само 40.5% од гласачите

Референдумот за ГТЦ е неуспешен, затоа што ја нема потребната излезност за законскиот цензус од 50%. Според информациите кои ги потврдија од ДИК и од општина Центар, денеска во општината на гласање излегле 40.5% од запишаните гласачи во општината, односно недостигаат околу 10% за референдумот  да биде успешен.

За граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“, резултатот претставува поттик за понатамошна борба, бидејќи, како што велат, ова е најголема бројка на гласачи, а ниту еден политичар досега не освоил повеќе гласови во општината.

Од граѓаните кои гласале, според општина Центар, најмалку 95 отсто го дале гласот „за“ зачувување на автентичниот изглед на ГТЦ, што според градоначалникот Андреј Жерновски е јасна порака дека граѓаните не сакаат барок.

„Сведоци сме на сценарио кои се повтори-притисоци на јавната администрација, префлање на гласачи од едно на друго место. Над 95 проценти од оние што излегоа на референдум гласаа за зачувување на автентичноста на ГТЦ. Тоа значи дека ниту една власт не смее да го чепне ГТЦ, тоа значи дека Центар го доби најголемиот резултат досега во општина Центар. За мене овој референдум е прв чекор на враќање на власта кон гласачите, а јас како градоначалник се ќе направам ГТЦ да остане како што е“, рече Жерновски по завршувањето на референдумот за ГТЦ.