Референдумот во Босилово не го исполни потребниот цензус, констатирани низа нерегуларности

Исто како и претходниот во Валандово, и денешниот референдум во Босилово беше неуспешен, односно не го исполни потребниот законски цензус над 50% од вкупниот број на граѓани да излезат да гласање. Требаше да гласаат барем 6.151 жители од 12.301 запишани гласачи во избирачкиот список.

На референдумското гласачко ливче поставени беа две прашања – дали сте за „за“ или „против“ отворање на рудникот за бакар и злато – Иловица, и другото, дали сте „за“ или „против“ отворање и ископ на метали или металична руда.

Референдумот го мониторираше ЦИВИЛ – Центар за слобода, од каде констатирале низа нерегуларности на терен, како и притисоци врз населението за бојкот.

„Во основното училиште Гоце Делчев во Бослово, на избирачкото место 1812, набљудувачите на ЦИВИЛ забележаа дека гласачката кутија е несоодветно поставена и може да се види како и за што граѓан(к)ите гласаат. Со тоа се прекршува правото на тајно гласање. Истиот проблем со несоодветно поставување на параванот имаше и на гласачкото место 1811, кое се наоѓа во истото училиште, но по забелешката на екипата на ЦИВИЛ, претставниците на избирачкиот одбор реагираа и ја поместија гласачката кутија“, соопштија од ЦИВИЛ.

Од „Здрава Котлина“ ова што се случи денеска го окарактеризираа како „срам за сите граѓани што не излегоа“, без разлика дали биле партиски притиснати или од некој друг начин незаинтересирани.

И Здружението изрази сомнежи за денешното гласање. Ссоопшти дека на избирачкото место 1819 во селото Гечерлија пладне од просторијата за гласање било отстрането лице од блиското село Сарај, кое немало докумант за лична идентификација, а имало беџ и овластување од здружението Центар за европска младина (ЦЕМ) од Радовиш, која има набљудувачи на сите избирачки места. „Здрава котлина“ се сомнева дека ЦЕМ е, како што велат, формирана ад хок за специфични намени.

„По околу половина час од отстранувањето од гласачкото место, по пристигнувањето на координаторот на набљудувачите на Здрава Котлина, во разговор кој се водеше во присуство на службеното лице/полицаец Сашо Ангелов, лицето Ѓорѓи Тасев не беше во состојба да каже чиј претставник е и која организација претставува. На дополнителното прашање кој всушност го има испратено , лицето во присуство на полицаецот изјави дека го испратил ‘Папучарот’, всушност прекар на поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ и локален ‘авторитет’ кој деновиве е забележан како најголем агитатор за бојкот на референдумот и кој наводно претставува фракција во неговата партија“, соопшти „Здрава Котлина“.

Според „Здрава Котлина“, друг сомнителен случај поврзан со истата радовишка набљудувачка група се случил во Сарај на избирачкото место бр. 1815, кога, велат од Здружението, нивниот набљудувач Петар Богоев од Радовиш донел овластување за набљудувач на сосема друго име.

„На прашањето на нашиот набљудувач како е можно тоа, одговорил дека не знае и дека само бил пратен од ЦЕМ да биде присутен . Му било кажано да го напушти гласачкото место, по што извесно време минал во близина на гласачкот место, а откако му било укажано дека не смее да биде тука, заминал, а по извесно време е виден во Босилово, во близина на избирачките места во училиштето ‘Гоце Делчев’“, рекоа од „Здрава Котлина“.

Инаку, од петте референдуми во југоистокот од земјава, а успешни беа во Гевгелија, Богданци и Дојран. Следи референдумско прашање за или против рудници на жителите на општина Ново Село на 17 септември.