Документарниот филм „Нечиста крв“ од авторите Сашка Цветковска, Елена Митревска Цуцковска, Маја Јовановска и Трифун Ситниковски на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) синоќа ја добија главната награда од ЕУ за истражувачко новинарство во С. Македонија за 2023 година.
„Жирито едногласно одлучи да ја награди приказната за злоупотреба на третман на пациенти со КОВИД-19 и профитерство во услови на пандемија, сметајќи дека таа содржи голема релевантност, трудољубивост, длабински и иновативен пристап. Приказната на ИРЛ со многу документарни елементи е резултат на долга и опсежна истрага на цел тим и го трасира патот за ваквиот пристап во новинарството“, стои во образложението на жири комисијата.
Втората награда и припадна на Фросина Димевска за истражувањето „Избеган украински политичар под санкции на САД, добил македонско државјанство“ објавена на порталот Призма, а признанието за третото место го доби сторијата на емисијата КОД, емитувана на ТВ Телма „Државата не наплати пари од пресудено дело – Неуспешна конфискација на Трансмет“ од авторите Миомир Серафиновиќ и Снежана Лупевска Созен.
Од ССНМ информираат дека на конкурсот учествуваа 20 пријавени стории и содржеше неколку филтри во минатите пет месеци, за на крај според жирито во состав Константин Тесторидес, Борис Георгиевски и Филип Рудиќ да произлезат трите најдобри и најквалитетни истражувачки стории за минатата година.
ЕУ наградата за истражувачко новинарство се доделува како дел од проектот „Зајакнување на квалитетот на вестите и истражувачкото новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција – 2“. Наградите се координирани од Томсон медија, а организатор за Македонија е Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).