„Ред и хаос“ – рап настан на 11 ноември во „Станица 26“

Во скопскиот клуб „Станица 26“ на 11 ноември ќе се одржи целовечерен рап настан, каде ќе гостува Атила, еден од најраспознатливите и докажани вокали на бугарската рап сцена.

„Работата му е баланс помеѓу музичкиот и филмскиот свет. Автор е на 9 албуми во периодот 2006-2018 – соло албуми и колаборации, а во последните години режираше и неколко самостојни авторски филмови. Зад себе има оставено стотици концерти низ цела Бугарија, сцената ја делел со имиња како Public Enemy, Jeru The Damaja, KRS One, ONYX, Das EFX и многу други. Оваа година во септември Атила во колаборација со битмејкерот WORST го издаде најновиот албум под име ‘Ред и Хаос’“, стои во најавата за настанот.

Понатаму, најавен е WORST, пловдивски битмејкер и дел од екипата на 7 Hills Production заедно со легендата DJ Skill. Работи со многу бугарски артисти, но како најважни проекти ги издвојува колаборациите со луѓето околу него – Sunrise project, Ударната група и заедничката песна со Minko и Sadat X..

Исто така, гостува и DJ AKASHA, најактивниот млад претставител на DJ-ing елементот на бугарската рап сцена. Иако е на сцената само 5 години, AKASHA е главен DJ на АТИЛА и гост DJ на oldschool раперите NOKAUT, како и на ONYX и Madchild на нивните концерти во Бугарија.

Според најавите, на настанот на 11 ноември ќе го избере најјакиот и најквалитетниот рап од старата и новата школа и ќе го презентира својот стил и во Скопје.

„DJ GOCE SAF е човекот кај кого што продуцентите на вашите омилени странски рапери одат да пазарат beat-ови. Од минатата година е и почесен член на Gang Starr Foundation колективот (Gangstarr Foundation World Tour) и е избран да го заменува DJ Premier на Европските турнеи. Иако календарот му е позафатен од календарот на Доналд Трамп, DJ Goce оваа година направи успешна Балканска Винил Конвенција каде што се собраа над 50 балкански и светски DJ-и“, велат организаторите.

Како последен е најавен и LD PISTOLERO, за кој велат дека во 2018 и официјално даде отказ од работа и целосно ја посвети својата енергија на Kendo вештината, Badu Bar и музиката што ја твори.

„Некој може да каже дека сега тој е невработен, но сето тоа е прашање на лична перцепција помеѓу Невработен и Слободен. Во моментов го создава својот втор соло албум кој, според неготовото мислење, му е должност кон публиката која го поддржува и кон себе“, соопштуваат организаторите.

Најавуваат дека вратите се отвараат и порано, но MC-њата „почнуваат да сјаат на сцена во 11:11 часот“.

„Синхронизирајте се со луѓето кои направиле преод кон живот слободен од старите парадигми и општествени илузии“, се вели во најавата за настанот.

Влезот е 200 денари.  Локации за предтпродажба на билети ќе бидат објавени наскоро.