Рецитал на рускиот пијанист Денис Кожухин во Филхармонија

Пијанистот Денис Кожухин од Русија ќе одржи рецитал на 22 октомври (понеделник) во Камерната сала на Македонската филхармонија, со почеток во 20 часот.

„За критиката и публиката, Денис Кожухин е ‘волшебник на пијаното’, затоа што неговата техника е беспрекорна и тој мудро ги комбинира сјајот и моќта на она што го изведува. Тој поседува одлично чувство за моделирање на формата, зрелост и уникатна чувствителност. Во последниве неколку години, негов ментор е славниот пијанист и диригент Даниел Баренбоим“, соопштуваат од Македонската филхармонија.

Во Скопје, рускиот пијанист ќе изведе дела од Менделсон (избор од „Песни без зборови“), Григ (избор од „Лирски пиеси“) и Прокофјев (Соната бр. 8).

Инаку, Денис Кожухин е добитник на првата награда на престижниот натпревар „Кралица Елизабета“ во Брисел. На свои 23 години, Кожухин (1986) се етаблира како еден од најголемите пијанисти на неговата генерација. Само минатата сезона тој настапи со врвни оркестри меѓу кои и со „Концертгебау“, Симфонискиот оркестар на Чикаго, Германскиот симфониски оркестар во Берлин, Филаделфија оркестарот, Кралската филхармонија во Стокхолм, Симфонискиот оркестар на Би-би-си, Берлинска филхармонија, „Карнеги хол“…