Речиси половина од средношколците се чувствуваат небезбедно на училиште

Речиси половина од учениците во средните училишта не се чувствуваат безбедно во училиштето, на патот кон училиштето или на автобуските станици, а високи 45, 5 проценти од нив изјавиле дека учениците на училиште носат боксирачи или слично оружје. Ова го покажа последното истражување на тема „Насилството кај средношколците“, спроведено од Младинскиот образовен форум, кое денеска беше презентирано пред јавноста.

„Оружјето е застапено меѓу средношколците и овие резултати се индикатор дека треба да се работи на понатамошни мерки кои ќе ни овозможат справување со ваквата проблематика и мерки што ќе ни овозможат да го превенираме овој проблем“, изјави главниот истражувач, Моника Божиновска од МОФ.

Според истражувањето како мошне небезбедни учениците ги перцепираат автобусите и автобуските станици. Булингот, односно однесување кое не вклучува физичко насилство, но остава психички последици кај повредениот, е најзастапената форма на насилство. Резултатите од истражувањето на МОФ, покажале и дека една петина од сите испитаници-ученици имале физичка пресметка со некого во изминатите 30 дена, 25 проценти турнале некого или му удриле шамар.

Според директорот на средното училиште „Цветан Димов“ во Скопје, Шаип Зендели, податоците од истражувањето всушност претставуваат огледало на она што се случува во училиштата. Според него, проблемот не треба да се бара само во учениците, туку и во наставниците и семејството каде се создаваат предрасудите.

„ Проблемот не е само во училиштата, проблемот се појавува и кога учениците ќе излезат од училиштето и на автобуските станици“, рече Зендели за време на тркалезната маса.

Психологот во средното училиште „Орце Николов“, Ана Попризова смета дека е потребно проблемот да се разгледа подлабоко и од повеќе аспекти.

„Не само со приредби преку кои ќе се истакне лошата страна на насилството, туку (треба) да се навлезе малку подлабоко земајќи ги причините кои се за насилство, да се разработат програми. Во светот има доста модели што мислам дека и кај нас можат да се прилагодат, да се вклучат врсниците во превенција на насилството“, рече Попризова.

Резултатите од истражувањето исто така покажуваат дека разликата во степенот на манифестирано насилство помеѓу учениците кои живеат во етнички хетерогени градови и учениците кои живеат во етнички хомогени градови не е голема.

Според Елена Ивановска, раководител на сектор за основно и средно образование при МОН, воспитната компонента во образовниот процес опаѓа. За неа мошне важно е советувањето на родителите бидејќи, како што посочи,  тоа дава резултати при решавање на проблемите и со насилството. Друг проблем кој според Ивановска го зголемува јазот, е истакнувањето на тоа дека учениците треба да се интегрираат.

„Многу поважно е да се делува и да се живее заедно“, рече Ивановска.

Ива Михајловска која доаѓа од канцеларијата на Народниот правобранител смета дека насилникот е исто така некој со кого мора да се работи, односно дека и на тие ученици им е потребна помош.

„Како превентивна метода би било вклучување на учениците да придонесат во намалување на насислството, така што ќе се обучат и ќе им помогнат на институциите и ќе служат како врска помеѓу учениците и институциите“, рече Михајловска.

Во препораките на МОФ за надминување на проблемите со насилството во средните училиште се наведува потребата во иднина да се испита ефикасноста на постоечките санкции за манифестирано насилство, учениците да се вклучат во повеќе активности кои ќе ќе го зголемат чувството на безбедност во средините во кои функционираат, но и да се утврдат стандарди со кои се дефинира и мери насилството кај младите.

Истражувањето беше спроведено на 2476 испитаници во периодот од март до април оваа година. Во него беа опфатени ученици од 31 средно училиште во Тетово, Куманово, Велес, Дебар, Битола, Струга, Штип, Неготино, Кратово, Кичево и Гевгелија.

Е.П.