Речиси пола од учениците се плашат да искажат став во училиште

Четворица од десет ученици, двајца од девет наставници, и пет од десет родители сметаат дека учениците може да имаат проблеми во школо доколку отворено изразат свое мислење. Речиси половина од учениците не го сметаат училиштето за безбедна средина за искажување на своите ставови. Според голем број наставници  пак учениците се доволно вклучени и консултирани. Тие сметаат дека треба да се земат предвид правата, но и ученичките одговорности. Мал дел родители и наставници, пак, се плашат да охрабрат дружба меѓу различни етнички одделенија, со цел „да избегнат конфликти“.

Ова се дел од заклучоците на истражување на Македонски центар за граѓанско образование (МЦГО), дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.

Ана Мицковска Ралева од МЦГО на тркалезна маса во „Мериот“ презентираше разни гледишта на ученици, наставници и родители од 40 училишта од девет општини. Според неа, доколку соодветно се спроведуваат заеднички активности меѓу ученици од различни наставни јазици, имаат потенцијал да се намалат предрасудите и да се зајакне меѓусебната доверба.

„Значи, добар дел од училиштата организираат вакви активности. Најчесто се спортски активности, заеднички часови во рамки на редовна настава и сл. Генерално, позитивни се искуствата. Учениците по заеднички активности со нивни врсници на друг наставен јазик имаат попозитивни ставови кон ‘другите’ и се поотворени кон искуства кои ги вклучуваат ‘другите’“, рече Мицковска Ралева.

На наставниците, вели таа, не им се секогаш лесно да ги вклучат сите во ваквите активности, бараат посебен напор. Сепак, мнозинството наставници поттикнуваат дружба.

„На учениците им се допаѓаат. Се чувстуваат послободни, бидејќи часовите не се традиционални, туку поинтерактивни, подинамични и поинтересни. Доколку се континуирани, долгорочни, може да имаат поголем ефект врз подобрување на односите помеѓу учениците – остварување трајни пријателства“, нагласи Мицковска Ралева.

Во однос на демократското однесување, седум од десет наставници и родители, тврдат дека учениците имаат моќ да направат промени во школото.

„За најголем број ученици и наставници слободното изразување ставови и мислења во училиштето е ретко/повремено, додека за половина од наставниците тоа ‘се случува често’“, вели таа.

Тука се појавуваат некои контрадикторни изјави. Пример, ученик при анкетата рекол дека „обично не си ги искажуваат мислењата затоа што не се навикнати и им е срам“. Истовремено, наставник вели:

„Напротив, премногу често си ги искажуваат мислењата. Си ги знаат правата, но не и одговорностите. Кажуваат и што треба, и што не треба. Бунтовни се, но до нас е дали ќе ги послушаме“.

Според најголемиот број испитаници, учениците имаат одговорност да преземат акција за да ги адресираат потребите на заедницата.

„Истовремено, учениците нагласуваат дека не се запознаени со можностите за влијание врз општествените промени. Четири од десет ученици, два од десет наставници, три од десет родители сметаат – учениците се премлади за да можат да донесуваат одлуки што се однесуваат на училиштето“, стои во истражувањето.

Дека само се вклучени за тривијални прашања покажуваа повеќе досегашни пракси. Односно, нема унифициран модел на здружување на учениците. Нивниот глас главно важи за училишни униформи, локација за екскуризии, матурски прослави, прослави на празници. Главно се пасивни и консултирани само за банални прашања. Со тоа, изоставена е суштината – учениците не се креатори на наставните програми, т.е. не се дел од повисоки политики во управувањето на образовните установи. Затоа, периодов беа најавени законски измени во целото средношколско организирање.

На тркалезната маса во „Мериот“ беше разговарано и за медиумите и нивното влијание во меѓуетничката интеграција. Новинарите треба да известуваат објективно, несензационалистички и континуирано. Исто така – во позитивна конотација, а не само за „конфликти и нетрпеливост“.

Дел од  заклучоците кон медиумите беа и дека е потребно директно работење и комуницирање со уредници и новинари, а не со медиумите како правни лица, за да бидат покриени позитивни меѓуетнички приказни. Транспарентноста на имплементаторот е од голема важност за новинарите, додека образовните теми треба да се застапени и по квалитет, и по квантитет. Емисии, програми, дебати од млади, за млади, за нивните потреби и трендови.

Инаку, Проект за меѓуетничка интеграција на младите во образованието започна во април 2017 и ќе заврши во април 2022 година. Имплементиран е од МЦГО во соработка со партнер-организацијата Младински образовен форум (МОФ). Проектот е финансиран од УСАИД и Европската команда на САД.

Бојан Шашевски