Речиси два месеци граѓани протестираат против поскапата струја – во петок е закажан протест пред Владата

На почетокот од август беше организиран првиот протест во Скопје, Гостивар, Тетово, Куманово и Дебар против поскапувањето на струјата, а утре речиси по два месеци повторно е закажан протест во Скопје, пред Владата во 17 часот.

Организаторите на протестот, како што се вели во најавата, бараат да се поништи одлуката за зголемување на цената на електричната енергија од 7.4%, а потоа и да се намали цената на електричната енергија за 46 отсто.

„Владата да го намали ДДВ-то за енергија од 18% на 5%. Владата да го раскине монополот на приватното претпријатие ЕВН со раскинување на договорот меѓу Владата и ЕВН, за да се стави крај на нивното неправедно и нехумано однесување кон граѓаните, како и национализирање на приватните дистрибутивни мрежи за електрична енергија и креирање на попогодни политики со кои би им се простиле долговите на социјалните случаи кон енергетските компании во земјата. Собранието да ја укине Регулаторната комисија за енергетика затоа што овој орган им служи на големите апетити на бизнис групите кои им штетат сериозно на џебовите на граѓаните на нашата земја“, бараат организаторите.

Меѓудругото, тие бараат Собранието да формира независно тело кое ќе има за цел да ги верификува услугите на енергетските компании кон граѓаните и да ги истражува и разгледа сите желби и поплаки на граѓаните.

Одлуката на РКЕ, беше и поттик за иницијативата „Млади за Македонија“ која започна онлајн петиција насловена „Граѓанска иницијатива за укинување на покачувањето на струјата и намалување на ДДВ на 5%“. Во петицијата објаснуваат дека граѓаните се револтирани на покачувањето и вознемирени од последиците врз цените на производите и услугите во Македонија.

Граѓаните на социјалните мрежи бурно реагираа и негодуваа поради ваквата одлука, а регулаторите ја правдаа со загубите на енергетските компании кои настанаа поради пандемијата.