Речиси 8.000 луѓе чекаат да отпатуваат во вселената

Компанијата за вселенски туризам „Вирџин Галактик“, која своите први клиенти во вселената планира да ги испрати летово, најави дека поради големата побарувачка, во продажба ќе пушти повеќе билети, односно го удвои бројот на резервации во однос на септември 2019 година, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Како што пренесува хрватска „Хина“, моментално, списокот на луѓе кои што чекаат има 7.957 заинтересирани лица. „Вирџин Галактик“ престана да продава билети по првиот лет во вселената, што беше реализиран во декември 2018 година.

Цените и датумот на следниот лет сè уште не се познати, но билетите за првиот комерцијален лет веќе се распродадени.

Досега компанијата има букирано 603 резервации од 60 земји ширум светот, по цена од дури 250.000 долари, но „Вирџин Галактик“ и понатаму продолжува да прима барања од заинтересирани авантуристи. Поради тоа, во среда ќе биде пуштена нова серија билети.

Меѓу познатите личности кои веќе купиле карти се и Џастин Бибер, Леонардо Ди Каприо, но и сопственикот на компанијата Ричард Бренсон кој изјави дека има намера да им се придружи на патниците на првиот комерцијален лет.

Компаниите „SpaceX“ и „Blue Origin“ се исто така заинтересирани да испратат туристи во вселената.