Речиси 60% од младите не слушнале за Законот за младински додаток

Дури 60% од младите не слушнале за Законот за младински додаток, само 10% од нив се добро запознаени со него, а 33% само слушнале.

Ова денеска го спомена Зоран Илиески, извршен директор на Коалиција на младински организации СЕГА на конференцијата посветена на младинскиот додаток, организирана во склоп на националната кампања „Право на младински додаток“.

Целта на националната кампања е да го промовира Законот за младински додаток и да ги презентира наодите од истражувањето за корисноста и влијанието на законот и да обезбеди клучни препораки за негово подобрување. Таа се спроведуваше од август – декември 2021 година.

Илиески истакна дека од почетокот на кампањата до денес, бројот на корисници на младински додаток се зголемил за околу 140.

Советникот за млади и младински политики Ѓорѓи Тасев истакна дека годинава од Буџетот се издвоени 100 милиони денари за 4000 млади кои можат да ја искористат можноста.

„Сеопфатна максимална искористеност на мерката е можна само ако се прави преку локалните економски совети, општините и невладините организации кои работат во оваа сфера. Она што сметам дека е битно е мерката да биде децентрализирана за да биде афирмирана од крајните корисници т.е. младите“, рече тој.

На ова се надоврза и Миле Бошков, извршен претседател на Бизнис Конфедерација на Македонија, кој забележа:

„Менталниот склоп на младите кои иднината ја гледаат надвор, незадоволството од младите плати и скромниот систем на информирање се некои од проблемите за незаинтересираноста на младите за оваа мерка или само неинформираноста. Корпоративните компании користат smart recruitment што значи дека ги исполнуваат сите понудени можности кои се на пазарот, и сметам дека за да се прошири ова и во руралните средини, треба малку поширок опсег на соработка и дијалог. Во однос на унапредување на мерката, треба да се види дали е важно помошта да се зголеми дури и скалесто за руралните средини или според примања, па можеби и треба да се размислува за поместување на границата од 23 години.“

Младинскиот додаток е во висина од 3.000 денари месечно и им се исплаќа на млади лица до 23 години со завршено најмалку средно образование.

„Младински додаток може да користи младо лице кое ги исполнува следните услови: -е опфатено со задолжително социјално осигурување по основ на вработување кај работодавач или самовработување со претежна производствена  дејност; -е вработено во приватна агенција за вработување и е отстапено на работа кај работадавач со претежна производствена дејност или-е опфатено  во задолжително социјално осигурување како индвивидуален земјоделец“, стои во описот на Министерството за труд и социјална политика за овој закон.