[Рецензија] „Врба“ – приказна за проколнатото стебло

Дали знаеш како вистински да сакаш? Приказна стара колку времето, е љубовта на мајката кон детето. Наративната плетенка од една врба и три жени, Донка (Сара Климовска), Родна (Наталија Теодосиева) и Катерина (Камка Тоциновски) ја плете нивната тешко остварлива љубов, да имаат принова.

Вчера во Македонската Филхармонија, домашната публика премиерно го гледаше „Врба“, новиот филм на режисерот Милчо Манчевски. Ова беше втора отворена изведба за публика, по светската премиера на 14 Филмски фестивал во Рим. Емотивно турбулентен и молитвено тивок, „Врба“ е филм кој дава човечки и понизен одговор на  репродуктивните реторики на 21 век.

Музиката за „Врба“ е на Кирил Џајковски, па може да се рече дека овој филм е симболичен камбек на групата „Бастион“, во чиј состав биле Кирил Џајковски, Милчо Манчевски, Љубомир Стојсављевиќ и Ана Костовска, која во филмот игра споредна улога.

Манчевски ја започнува својата приказна во средновековен период, кога Донка ќе биде приморана да замине бегалка поради ненамерната отстапка од татковата замисла за нејзиниот живот.  Таа пет години спасот за проколната утроба го бара насекаде, но штом ќе го пронајде, ќе посака никогаш да не го пронашла.

Вистинско освежување е тоа што во приказната за Донка, актерите зборуваат на дијалект, па така гледачите имаат можност подиректно да го доживеат македонскиот архаичен јазик полн со народни умотворби, баења, клетви  и магии. Ваквата рурална, исконска атмосфера е прикажана преку препознатливите мајсторски кадри на Манчевски со природните убавини на Македонија, овојпат претставени преку пејсажите на мариовски села Штавица, Дуње и Зович,  Трескавец и Преспанскиот Регион.

Сара Климовска во улогата на Донка, создава емотивен портрет на македонската стопанка, која е силно преминува преку сите трагедии кои ѝ ги носи животот.  Уверливо и впечатливо, Климовска го освојува и овој актерски предизвик.

Поминуваат векови, општеството се менува, но не и човечките желби и чемери.

Приказната продолжува овојпат сместена во Скопје, следејќи ја судбината на двете сестри, Родна и Катерина. Камерата на Манчевски го претставува Скопје во неговиот препознатлив манир, историско место кое претендира да биде урбано, создавајќи надреална поетика на градот исполнет со врби и симболизам.

Архаичните баења и клетви се сменети со нов, но подеднакво тешко сварлив жаргон. Ин витро, мрзливи јајници, дијагнози, операции, посвојување, бирократија, адаптација, аутизам. Двете сестри живеат во клетва која ги опејува сите нивни јадови.

Поминувајќи неколку години низ болничките ходници, Родна слуша среќна вест – бремена е со близнаци. Нејзиниот брак ќе биде ставен на тест кога парот ќе дознае дека едниот фетус покажува знаци на аномалија. Додека сопругот инсистира таа да ја продолжи својата бременост, Родна не сака да гледа како едното дете ужива во животот, додека другото страда. „Моја матка – мои правила“, извикуваа таа во наплив на очај. По неколку години борба, Катерина го посвојува Кире. Меѓутоа, детето не сака да разговара. Најпрво оваа карактеристика е сфатена како детски нарав, сѐ додека семејството не започне да се сомнева дека Кире е аутистичен. Токму во тој момент започнува една вистинска љубов.

Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски во сцена од „Врба“

Наталија Теодосиева создава карактер кој е прва лика и прилика на современата супер-македонка. Комична, трогателна, а на моменти и луцидна, Теодосиева на филмското платно прикажува генијален распон на емоции.

Камка Тоциновски преку ликот на Катерина остава панк отпечаток врз поновиот македонски женски наратив.  Со улога која ја поентира пораката на филмот, Тоциновски ни претставува карактерна цврстина, емотивна кршливост и мајчинска фигура која никого не остава рамнодушен.

По гледањето на филмот ќе ви падне камен од срцето кој не сте знаеле дека е таму и верувајте, чувството е слаткогорчливо. „Врба“ е победа на сите жени. Бидејќи, мајка не раѓа. Мајка сака.

Се чини дека последните неколку години се години на македонскиот филм, но и години на поновите генерации македонски актери.

Ивана Смилевска