[Рецензија] Во утробата на Универзална сала – во утробата на градот

Во 2015 година беше затворена Универзална сала. Во 2015 секнаа сите настани, концерти, претстави во Универзална сала. Секнаа свирките на „Џез фестивал“, „Оффест“, „Златно славејче“. Пет години подоцна, на 27 јули 2020, ден по 57-годишнината од земјотресот во Скопје, во јавноста се појави идејата дека Универзална сала ќе се руши. Оваа идеја веднаш поттикна општествена дебата. Тоа беше повод и уметници да направат претстава, поточно перформанс „Универзална во пламен –  трагедија во шест декади“, со кој во пет фестивалски денови на МОТ понудија на малобројна публика да се нурне во утробата на Универзална сала, во утробата на сето она што значи јавност, историја, култура, заедништво и град.   

„Универзална во пламен“ е ко-продукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат. Се работи за дело на авторскиот тим што ја освои главната награда „Златна Трига“ на Прашкото квадринале за перформанс, дизајн и простор. Исто како и „Кога зградите би зборувале“, тимот преку перформативно-истражувачки проект во фокус го става јавниот простор во градот, како тој „дише“, како коегзистира со заедницата. Со социјалните и културните текови, но и со нестабилноста и кревкоста на материјалниот свет што не’ опкружува и служи како мементо на историски бранувања.

„Криво ми е дека некои блиски луѓе не успеаја да ја гледаат претставата“, пиша пред некој ден на социјалните мрежи Филип Јовановски, кој заедно со Кристина Леловац се развојни творци на перформансот.

Но, иако пандемијата лимитираше само по 20-ина луѓе да учествуваат во една од петте премиери, можеби ваквите интимни околности понудија и поефективно доживување за публиката под маски. Поголема физичка дистанца, ама поискрена социјална блискост. Публиката беше одблизу со тимот што неколку месеци помина во објект без струја, без парно, во прашина, во време кога црната статистика за Ковид-19 е ударна вест во медиумите.

Фото: Стефан Самандов

Во 105-те минути, публиката е активно вклучена. Од самиот влез на Универзална, низ ходниците, сите платформи, главните простории, до излезот на задната страна на објектот. Сите носат заштитни шлемови на глава, со сијалички што се интегрален дел од визуелно-аудитивниот раскажувачки стил на авторите.

Публиката низ перформансот повторно се потсети на солидарниот предзнак што ја следи Универзална. Се потсети дека помош по земјотресот дојде од цела Југославија, од Авганистан, Австралија, Боливија, Ирак Израел, Јапонија, Камбоџа, Куба, Луксембург, Мали, Мароко, Судан, Турција, Уругвај, Чиле итн.

Се потсети и дека во Универзална настапувале Дејвид Бирн, Пети Смит, Би Би Кинг, Брајан Фери, Реј Чарлс, „златни славејчиња“, па се до локални изведувачи како Есма Реџепова или Леб и сол. Сите тие се некаков културолошки фрагмент од 1966 година, па досега, период во кој се одржаа околу 5.000 настани што ги проследија нешто помалку од 7 милиони посетители. Универзална сала беше домаќин на повеќе од 300 театарски претстави, разни мјузикли, оперски претстави, повеќе од 170 џез-концерти, хуманитарни евенти…

Фото: Драгица Николовска

Но, „Универзална сала во пламен“ не е (само) историска лекција. Ова е повеќе манифест за градот, за кој авторите во една прилика велат дека „тој е јавност, додека државата е завера“, од аспект дека токму тука се рефлектираат граѓанските односи, еден кон друг, но и односите и поимањата кон заедничките простори, наспроти политичкото (само)доживување.

Универзална е самиот град. Секакви луѓе што доаѓаат на настани, со различни социјални бекграунди и потреби. Оние што плаќаат за да бидат видени, оние што се „стискаат“ и по неколку часови за да не одат да уринираат во „смрдливиот“ тоалет, оние што доаѓаат сами за да уживаат во некој странски бенд, оние што се зависници од уметност, оние што доаѓаат да го слушнат како пее нивното дете, другар или роднина.

Сите тие се градот, што е платформа за заедничко општествено живеење.

Универзална се и келнерите што служат меѓу паузите, режисерите што се потат на премиерата, политичарите што пуштаат „бомби“ на разглас од звучниците од салата.

Фото: Мартина Петреска

Оттука, перформансот потсетува на скопската поплава, земјотресот од 1963, трагедијата во Стајковци, но и политичката клима и опонирање низ годините, од менувањето на имињата на улиците, па се’ до „новиот земјотрес“ – „Скопје 2014“. Контроверзниот проект е претставен како тумор на градот што метастазира во просторот, што руши стандарди, закони, стручност, демократија. Што го одделува градот од градот. И луѓето од луѓето.

Фатени за исто јаже, еден по друг, аудиториумот се нурнува во руинираните подрумски простории на Универзална сала. Сега таму е полно со прашина, со пајажини, мувлосани ѕидови, но и со искрени симпатични графити и пораки од знајни и незнајни посетители на овој градски културен симбол. Авторите ја поставуваат солидарноста буквално на јажето, каде сите се споени, сите заедно си помагаат во незавидната ситуација. Потоа ги доживуваат немирите од историјата, остануваат неми слушатели, или вечни критичари, за потоа и заедно да учествуваат и помагаат во пожарот на своето постоење. И, конечно, на своето ослободување од траор, безмисленост, или вечно самопронаоѓање. Ова е душевно прочистување. Сето тоа додека музиката громогласно свири!

Уметничкиот пламен го поставува прашањето – Што е улогата на уметноста кога општеството дебатира за Универзална? Да одговори на дилемата или да (си) го постави прашањето: Какво е тоа општество што не’ доведе до оваа ситуација?

Фото: Драгица Николовска

„Универзална во пламен“ во шест чина е всушност есеј-перформанс за Жан Кокто во прошетка низ скопските улици, за поетот што во пожарот го спасувал огнот, наместо предметите што гореле. Човекот што уживал во очајот, очајот кој станал популарен со песните на Шарл Азнавур. Ова е и есеј за Азнавур, познат на скопјани по неговата песна што требало да биде пуштена на Радио Скопје утрото на 26 јули 1963 година.

„Ова е претстава за новата солидарност, која овие времиња ја бараат: за пожарот, трагедијата и за катарзата од која треба да роди нова солидарност како фениксот што се раѓа од пепелта, од пепелта на Грамши“, ќе кажат авторите на претставата.

Освен Јовановски и Леловац, екипата на „Универзална во пламен“ ја сочинуваат и Ненад Тонкин, Еми Чочкова, Кристијан Караџовски, Ванчо Велков, Драгица Николовска, Симона Димковска, Дениз Ајдаревиќ, Бранко Атанасов, Ема Давчева, Нина Елзесер, Изабела Јакимова, Енџи Никoлоска, Јована Спасиќ, Сандра Танчева, Антонио Ташковски, „РИБ“ – Ивица Димитријевиќ, Јане Трајковски, Џано Куч и Костантин Лошков.

Бојан Шашевски