[Рецензија] „Родители“ – интересен, но нецелосен поглед кон носталгијата и минатото

„Родители“ според сценарио и во режија на Кристијан Тафтдруп, ги истражува носталгијата, стравот од стареење и осаменоста. Вибеке и Кјелд  (Бјоринг  Јоренсен и Сорен Малинг), го испраќаат нивниот син-единец Есбен (Антон Хоник) на студирање во градот, па остануваат сами во својата куќа, одеднаш преголема и препразна за нив. Секојдневната рутина и оддалеченоста од синот, кој им посветува се помалку време, меѓу другото благодарение на неговата нова девојка, ги убедува да ја продадат старата куќа и да се вселат во помал стан, поблиску до Есбен. Кјелд открива дека станот е истиот во кој тој и Вибеке живееле кога тие биле студенти, пред повеќе од 25 години. Малку по малку, го уредува станот за да изгледа исто како во студентските денови. Едно утро, Кјелд и Вибеке се будат и откриваат дека одеднаш се повторно млади (сега играни од страна на Елиот Кросет Хове и Мири Ан Беушел), на иста возраст со Есбен.

„Родители“ е филм кој е полесен за гледање отколку за декодирање. Како визуелен производ, светлото и сценографијата се одлично изведени, следејќи ги школски ликовите кои ги истражуваат – пространата и празна куќа, силно осветлена, но ладна, наспроти малиот стан во кој Кјелд и Вибеке се преселуваат и го преуредуваат, топол, малку неуреден, но комотен. Ова внимание кон деталите гради одличен контрапункт меѓу животите на помладите и постарите верзии на родителите.

Што се однесува до самата приказна, внимателниот, одмерен начин на кој се третира носталгијата и минатото одлично ја заокружуваат првата половина од филмот. Очигледна е хемијата меѓу Јоренсен и Малинг додекги играат постарите верзии на Вибеле и Кјелд. Сцените во кои играат се исполнети со топлина и со длабочина. Тафтдруп им дава простор на овие ликови и нивните сцени да дишат и да се развиваат пред  гледачите, вметнувајќи ги во симпатични секојдневни ситуации кои на сите им се познати, а тие му возвраќаат со сигурност на пар кој навистина изгледа како да поминал децении заедно.

Наспроти нив, интеракцијата и расплетот во кои онусот е на помладите Беушел и Хове изгледаат избрзани. Можеби со желба да го крене интензитетот на сцените, или да предизвика  емотивна реакција кај гледачите, приказната прелетува преку редица настани и конфликти, кои се нагомилуваат врз филмот без вистински да бидат истражени или објаснети. Помладите актери имаат свои моменти, но тие остануваат во ретровизорот, поради пребрзото темпо, кое како да се обидува да покрие некои очигледни недостатоци на сценариото.

Останав фрустриран и тоа како Тафтдруп, како сценарист,  го третира расплетот, скоро до таму за да ми го расипе општото доброто мислење за „Родители“. Без да откривам премногу, за мене, начинот на кој се решава (или не се решава) ситуацијата во која неочекувано се наоѓаат главните ликови ми мириса на евтин трик. Контрапродуктивно е да се помине целиот филм во градење и презентирање на магичната трансформација за на крајот со неа да се расчисти како воопшто да не се случила, враќајќи го гледачот на истото место од кое тргнал.
Можам само да шпекулирам за тоа дали овој ноншалантен однос кон расплетот е намерен. На крајот на филмот, останувам благо зачуден, како некој кој се обидува да анализира незавршена слика.

Атанас Димитров

*Ова е втората од серијата рецензии кои Радио МОФ ги објавува од овогодинешното издание на Фестивалот на европски филм „Синенедејс“. Фестивалот се одржува во Скопје, од 9 до 19 ноември. Повеќе информации за Синедејс можете да најдете на: http://cinedays.mk/mk