[Рецензија] „Разговори во четири очи“, соочување со другиот и со самиот себе

Животни одлуки, жртви, надежи, разочарувања, повторни почетоци и одложување на крајот – секој од нас се соочува со нив барем еднаш. Токму затоа приказната на Ана Бергман е за нас секојдневна, блиска и трагикомично обоена со светли и темни нишки.

„Разговори во четири очи“ на Ингмар Бергман, а во режија на младата режисерка Нина Николиќ, е претстава која вреди да се погледне и ме импресионираше од неколку причини.

Првата – ноншалантниот перформанс на актерите, кои направија претставата да делува како вистинска семејна кавга зад затворени ѕидови, а не само како сценска изведба. Во најтензичните сцени меѓу сопружниците, во оние делови кога гледачот чувствува дека знае повеќе од тоа што сака, актерите направија да се чувствувам како да ѕиркам во нивната приватност, како да сум воајер кој сака да го набљудува нивното секојдневие од зад прозорецот.

Втората – ретроспективната, но и интроспективната нарација, која според мене е многу рационален и интересен начин детално да се раскаже позадината, а воедно да се скрати на време. Во комплексна приказна со повеќе ликови, овој мал трик заврши голема работа и остави поголем впечаток кај мене за разлика од некои други тричасовни претстави и раскажувања, преплети, кревања и спуштања, пред конечната разврска.

Трета, а веројатно и највпечатлива беше креативната употреба на визуелни ефекти и музика, нешто што е реткост во македонскиот театар. Токму мултимедијалното е она што прави оваа претстава да отскокне од театарот на кој сме навикнати, и прави гледачот да се впушти во перформансот со сите сетила.

Посебно ме израдува и фактот што на сцената ги видов и великаните на македонскиот театар, Петре Арсовски и Катина Иванова, кои иако поминаа малку време на „штиците што живот значат“ во „Разговори во четири очи“, успејаа да се врежат во моето сеќавање благодарение на одличната изведба.

Разговорите во четири очи знаат да бидат непријатни. Понекогаш се соочување со другиот, а понекогаш со самиот себе. Но, низ овие „Разговори во четири очи“, кои знаат на моменти да ве вознемират, вреди да се помине.

Стефанија Тенекеџиева