Мојот последен петок беше подобар од вашиот. Не, мојот последен петок беше најдобриот кој некогаш сум го имала. Последниот петок, еден закоравен фан на Radiohead успеа преку реки, мориња, планини и 30-тина километри пеш кои резултираа во потечени и крвави стапала, да го оствари својот сон и да ги слуша во живо.
„For a minute there, I lost myself“, вели еден стих од Karma Police. Пеејќи го едногласно, со повеќе од 30.000 грла на автодромот во Монца, сфатив дека и јас се изгубив себеси, барем за момент.
Концертот на Radiohead, кој го чекав некаде од 15-тата година, беше нешто што многу го посакував, но истовремено и се плашев од него. Како вечен скептик и личност која не идолизира ништо и никого, најблизу до религија или филозофија во животот ми е музиката. Особено посветеноста кон Том Јорк, неговиот бенд и нивната музика која ги обележа и овековечи чувствата на Генерацијата Икс. На вечно несфатените, на бунтовниците, на тие кои имаат што да кажат, но никој не ги разбира. На луѓето кои живеат во некоја меланхолија која ги обзема, но тоа не им пречи.
И, ако овој концерт ме разочараше, без сомнение ќе го снемаше и тој грам на верба дека некои нешта заслужуваат да бидат величани и идолизирани. Од скептик, ќе станев нихилист. Но, Radiohead биле со мене и во најтешките времиња, и имав доверба дека нема никогаш да ме разочараат. И не ме разочараа.
Сепак, најочекуваниот концерт не дојде така лесно. Лет, возење, милион Марфиеви закони на дело во еден ден, мини нервен слом, пешачење речиси 30 километри на 35 степени… За да се стигне до рајот, прво има чистилиште.
Но, да не должам за моите патешествија и лична филозофија. Британците одржаа незаборавен концерт – со еклектичен репертоар, на кој се најдоа песни од сите нивни албуми, публиката ниту на момент не беше отсутна или незадоволна. Напротив, расположението растеше постојано.
Концертот го отворија со Daydreaming, песна од нивниот последен албум. На National Anthem, не заборавија скромно да ги опцујат Тереза Меј, Доналд Трамп и сличните на нив. Мене ми ги отсвиреа сите омилени песни – на All I Need и Exit music (for a film) буквално се тресев. Сè уште не можам да сфатам како концерт на отворено, со илјадници публика, може да звучи толку интимно и беспрекорно. Како да ги слушаш на винил, а се пред тебе. Иако бев многу далеку од бината, чувствував како да се на метар од мене. Од интимната, hi-fi атмосфера, на Idioteque звучниците грмеа, а осветлувањето изгледаше како на транс рејв.
По громогласниот аплауз, дури два пати се вратија на бис, и за изненадување отсвиреа некои од најстарите и најпознатите нивни песни: Fake Plastic Trees, Karma Police, Paranoid Android, па дури и Creep. Италијанците, инаку премногу културна публика, толку културна што ми беше срам да се буткам и пробијам понапред, аплаудираа со надеж дека ќе се вратат и трет пат, но тоа не се случи. Сепак, концертот траеше повеќе од два часа, но сигурно не бев единствена на која ѝ се чинеа како 15 минути.
Концертот, кој беше еден од трите на фестивалот таа вечер, заедно со Мајкл Киванука и Џејмс Блејк (обајцата одлични, но не се Radiohead), беше веројатно единствената причина поради која топлата луѓе не предизивка бунт поради лошата организација.
Навистина не би било фер спрема публиката која беше или размислува да оди на I-Days, да пишувам само пофалби. Премалку шанкови за пијачки и храна, премалку тоалети, рекетарски систем на купување со токени кои важат само за тековната вечер, а не за цел фестивал, десетина автобуси за 30 илјади публика, паркинзи на седум километри од автодромот и кружење низ цел комплекс, беа само дел од проблемите кои фестивалот ги имаше. Јас прв пат присуствував на овој фестивал, но ако не го донесат Џек Вајт или Ник Кејв, или воскреснат Џеф Бакли или Дејвид Боуви, нема ни да помислам повторно да одам.
Но, ги слушав во живо Radiohead. Ќе се послужам со максимата на еден италијански мислител: „Целта ги опрадува средствата“. А, и маките.
Стефанија Тенекеџиева