[Рецензија] Образование?! Абе ајде! – претстава за апсурдот кој го живеат македонските средношколци

Синоќа, во скопската гимназија „Орце Николов“ се одржа премиерното издание на претставата „Образование?! Абе ајде!“ чиј автор е професорот по македонски јазик и литература, Душко Стојановски.

Преку спој на монолози, во претставата се прикажува умствената состојба на учениците и сцените во нивните глави за време од еден четириесетминутен час кој честопати е проследен со притисок, непотребни и веќе остарени информации, се’ поголема демотивација и револт, произлезен од потребата на учениците да бидат третирани како разумни суштества кои без разлика колку години имаат, имаат право на сопствено мислење, одлука и свој избор во животот.

Претставата започнува со еден училиштен час каде што владеат строги правила. Незаинтересираната професорка којашто бара од учениците да ја повторат последната лекција се соочува со молк и „незнаење“. На што е последица тоа „незнаење“ и дали начинот на којшто професорот ја предава лекцијата е важен фактор кој предизвикува молк, страв и трепет, но и незаинтересираност, од страна на секој ученик?

А учениците? Секој од нив во својот свет. Сите се разликуваат меѓусебе по својот карактер, по своите интереси и ставови. Меѓутоа, кај повеќето од нив владее молк. Зарем тие што молчат немаат што да кажат? Зарем тие не знаат ништо? Зарем тие не вредат?

„Јас никогаш и ништо не кажувам, а и да кажам, дали ќе ме слушнете?“

„Не, јас никогаш нема да бидам втор. Јaс секогаш ќе имам што да кажам“

Следното прашање што се претставува и е едно од главните прашања во претставата е: Дали средношколците и нивниот живот треба да биде игнориран бидејќи според одредени луѓе, тие се се’ уште млади за да зборуваат, давајќи го своето мислење? Што размислуваат учениците додека го „слушаат“ предавањето?

„А дали јас помалку вредам, ако не знам да решам една равенка?“

И, како образованието влијание на здравствената состојба на учениците? Сте се запрашале ли дали тие, во својот свет, се соочуваат со нешто повеќе од тоа што го прикажуваат на надворешниот свет? Можеби страв, срам, соочување со себеси, своите предности и маани, нарушување на психичката состојба или борба за исполнување на соништата…

„Со кого ние ќе зборуваме за хормоните, за сексуалноста…или вечно ќе се криеме позади кориците на некоја книга?“

„Тие деца нема никого нема да продадат за да си ја купат својата иднина. Знаете ли како се нарекува тоа? Тоа се нарекува интегритет, храброст… Од тоа се создаваат вистински лидери!!! Заштитете ги, сослушајте ги. Ќе бидете горди на нив, еден ден.“ е една од многуте пораки кои учениците од втора година ги упатија кон своите и општо, кон сите професори.

„За да општиме, потребно е да разменуваме информации. Вие бевте нашите херои, секогаш ќе бидете. Но, не затворајте не’ во кафез, дозволете ни да летаме“.

Самиот крај на вечерта беше проследен со благодарност на учениците – актери кон својот професор Душко Стојановски. Му се заблагодарија што тој ги сослушува, но во меѓувреме и ги разбира. Му се извинија за секое намерно доцнење поради кое како „казна“ добиваат нова книга за читање и им порачаа на присутните дека меѓусебното разбирање е основа на комуницирањето.

Текст: Ана Илиева

Фотографии: Стефан Митиќ