Ребаланс во образованието: Се крати кај сите универзитети, освен на Тетовскиот

Дополнителни еден милион евра за плати ќе добие Државниот универзитет во Тетово (ДУТ) со предложениот владин ребаланс на Буџетот за 2017 година. Предвидено е зголемување за 18% на вкупните расходи за „плати и надоместоци“ на оваа високообразовна институција, од првичните 361 на 426 милиони денари.

Зголемувањето кај ДУТ, најмногу се должи на оваа ставка, додека буџетот на институцијата се намалува кај ставките „стоки и услуги“ и за „капитални расходи“. Вкупно, средствата со кои ќе располага Универзитетот предложено е да се зголемат за 0,2%, од 775,6 на 777,2 милиони денари.

Додека кај ДУТ расте, буџетите на сите останати универзитети се кратат. Доколку се изземе целосното кратење на средствата за Универзитетот „Дамјан Груев“, кој никогаш не се формираше, а за кој беа предвидени нешто помалку од еден милион евра, најмногу се крати кај Универзитетот за информатички технологии во Охрид. Овде средствата од Буџетот речиси се преполовуваат, од 141,5 на 81,5 милиони денари што е намалување од 42%. Следува Универзитетот „Мајка Тереза“, со 30% помалку средства од првично предвидената сума (од 116,9 на 81,8 милиони денари).

За битолскиот Универзитет „Свети Климент Охридски“ предвидени се 11% помалку буџетски средства, додека штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ ќе добие 9% помалку. Најголемиот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, на располагање од Буџетот добива 5% помалку (од 3,439 на 3,268 милиони денари).

Се намалуваат средствата предвидени за изградба на барокните згради на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура комплексот на УКИМ за 75 милиони денари, како и преводите и печатењето на стручна литература за 15 милиони денари.

Вкупниот Буџет за високото образование вкупно се намалува за нешто над 550 милиони денари, во ставката „средно образование“ се крати нешто над 200 милиони денари, а кај „основно образование“ нешто повеќе од 140 милиони денари.

Повеќе пари за студентски стандард – помалку за наука

Вкупниот Буџет со кој ќе располага Министерството се намалува за нешто помалку од 22 милиони евра (-5,3%). Единствените две ставки кои се корегираат со повеќе средства се студентскиот стандард, за кој Владата предлага скоро еден милион евра повеќе средства и дополнителен милион евра во ставката „субвенции и трансфери“.

Кај инвестициите во образованието, каде што спаѓаат изградба и реконструкција на училишта, спротски објекти и студентски домови, со ребалансот се предвидуваат 334 милиони денари помалку од првичниот Буџет за 2017 година.

Од останатите ставки на буџетот кој се распределува на Министерството за образование и наука големо кратење има и кај науката. Од предвидените 10 милиони евра во оваа област, со ребалансот се предвидени скоро 2 милиони евра помалку, или околу 17% помалку. Владата најмногу скратила кај ставката „научни институти“ – од предвидените 364 на 292 милиони денари.

За тоа зошто единствено ДУТ е поштеден од буџетските кратења кај државните универзитети, како и за причината зошто значително се намалуваат парите предвидени за наука се обративме до Министерството за образование и наука, но до затворање на текстот не добивме одговор на нашите прашања.

Опозицијата критикува – Власта вели се трошело само за репрезентација

На кратењата во јавните пари во образованието реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја владејачката СДСМ дека едно ветувале во кампања, а друго реализираат кога дошле на власт.

„По само еден месец на власт, Зоран Заев и Рената Дескоска одлучија да го скратат Буџетот наменет за образование за 1,5 милијарди денари. ВМРО-ДПМНЕ од 2006-та година до денес во континуитет го зголемуваше Буџетот за образование, за од некогашните 13 милијарди денари во време на СДСМ, да дојде на годинешните 25 милијарди денари, средства кои подеднакво се инвестираа за развој на сите образовни сегменти, за сега, да гледаме кратење по сите основи“, изјавија вчера од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Министерството за образование одговорија дека критиките опозицијата треба да ги насочи кон своите поранешни министри и актуелни градоначалници и таму да ги бараат одговорите за буџетските кратења во образованието.

„Реализацијата на буџетот за инвестиции за првите 5 месеци од 2017 година кој претходната Влада го спровела е во просек 6%, така што е невозможно за наредните неколку месеци да се реализираат 94% од планираниот Буџет. Единствено место каде претходната Влада има реализација за првите 5 месеци од неверојатни 92,61 % е кај ставката за репрезентација каде потрошиле 114.223 евра. Средствата предвидени за реновирање на основни и средни училишта како и изградба на спортски сали се скратени од единствена причина што Општините кои во над 90% се раководени од ВМРО-ДПМНЕ не издаваат одобренија за градби и на таков начин свесно и намерно го опструираат целиот процес“, велат од Министерството.

Владата минатата недела го усвои ребалансот на Буџетот и го достави до Собранието. Премиерот Зоран Заев изјави дека очекува тој да се усвои пред 2 август, доколку собраниските процедури се одвиваат според Деловникот.

Даниел Евросимоски