[Реакција] Публиката заслужува “Аргумент”

Чувствуваме обврска кон јавноста да изнесеме јавно мислење и аргументи по однос на последната колумна на г-дин Владо Бучковски во Дневник, во која дава свој осврт на неговото учество во јавната дебата “Аргумент” на теза “Овој дом не би гласал на избори”, организирана од Младински образовен форум.

[Видео] Аргумент 2013: Вкрстени копја околу гласањето

Во интерес на јавноста, ќе разјасниме на каква дебата го поканивме господинот Бучковски, според кој формат и кои правила, а тој прифати учество. Овој дом не би гласал на избори! Ова е тезата на која дебатираат два тима, Афирмациски, кој се согласува со оваа теза и ја брани со свои аргументи и Негациски, кој не се согласува со тезата, ја негира и ја оспорува со свои аргументи. Целта на ваквата дебата е да се промовира организирана и аргументирана дискусија, според точно утврден формат и временски ограничувања и на тој начин да се отвораат за дискусија важни општествени прашања. Јани Макрадули, Артан Садику и Владо Бучковски прифатија да бидат членови на Афирмацискиот тим и во меѓусебна координација заеднички ги договорија аргументите кои ќе ги пласираат тимски и улогата на секој од говорниците. Според форматот и правилата, улогата на третиот говорник (во случајот Бучковски)е да jа сумира дебатата, да донесе заклучоци, да презентира клучни точки на кои што се дебатирало со спротивниот тим, фаворизирајки ја страната која ја застапува.

Во својот настап, третиот афирмациски говорник, Бучковски, не ја реализираше оваа улога, во одредени делови од своите говори ја застапуваше страната на спротивниот тим и го прекрши форматот преку самостојно земање збор и упаѓање во збор на останатите говорници.

Овие констатации беа изнесени и јавно за време на дебатата, од страна на извршниот директор на МОФ, Марјан Забрчанец, во интерес на присутната публика и во одбрана на интегритетот на настанот.

Оценките за структурата на публиката дадени во колумната се паушални и неточни, зашто не постојат информации кои можат да потврдат дали во публиката доминирале поддржувачи на опозицискиот СДСМ. Единствените податоци кои говорат за структурата на публиката се демографски и говорат дека на Аргумент присуствувале околу 400 граѓани, млади, возрасни, студенти, средношколци, членови на граѓански организации, новинари, членови на политички партии, претставници на институции, универзитетски професори и други.  Ваква оценка не може да се донесе ни според коментарите, критиките и прашањата изнесени од публиката, бидејќи беа подеднакво насочени кон сите шест говорници на дебатата. “Аргумент” беше јавно промовиран преку нови и традиционални медиуми и имаше право да се пријави секој заинтересиран граѓанин. Сите пријавени добија потврда дека се примени и имаа можност да присуствуваат на настанот.

Во својата колумна, Бучковски тврди дека дел од публиката кон него се обратила со говор на омраза, клевети и навреди. Во име на Младински образовен форум, јавно се извинуваме доколку во кој било момент од дебатата Бучковски се почувствувал навреден или наклеветен. Иако не можеме да преземеме одговорност за ставовите на публиката, сепак се извинуваме, затоа што Бучковски го побара тоа од нас и затоа што така е етички.

Го повикуваме и Бучковски да се извини што го искористи терминот “подлизурковци” во своето обраќање кон дел од публиката, што ги прекрши превилата на дебатата, како и за обидот да поттикне говор на омраза со својата колумна во Дневник кон нашата организација, што е јасно манифестирано во коментарите на колумната.

[Реакција] Публиката заслужува “Аргумент”

Настанот “Аргумент” беше финансиски поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, Фондацијата Отворено општество – Македонија и Меѓународната дебатна едукативна асоцијација, преку програмата Европа за граѓаните, а реализиран со идеи и труд од членовите на МОФ, млади граѓани на Македонија. Донаторите во никој случај не преземаат одговорност за ставовите изнесени на “Аргумент”, вклучително и за ставовите изнесени од господинот Бучковски.

Аргумент се организира секоја година, почнувајќи од 2010, а во изминатите изданија, како говорници кои го прифатија форматот и дебатираа на страната од тезата која ја застапуваат, се појавија: Гордан Георгиев, Илија Димовски, Ацо Станкоски, Ким Мехмети, Љупчо Зиков, Зоран Поповски, Влатко Ѓорчев, Радмила Шеќеринска, Александар Спасеновски, Игор Ивановски, Мухамед Зеќири, Оливера Трајковска, Снежана Лупевска, Ферид Мухиќ, Љубомир Фрчкоски, Владо Јовановски, Билјана Ванковска, отец Игор Калпаковски и Сашо Мацановски – Трендо.

МОФ нема да се извини што го организира “Аргумент” и што со тоа покренува јавна општествена дебата – организирана, структурирана и базирана на аргументи.

Со почит,

Младински образовен форум