Реакции за законот за абортус: Не смее да се дозволи!

Не смее да се дозволи изгласување на Предлог законот за прекин на бременоста по скратена постапка, без дебата и без анализа за тоа што треба да се постигне со законските измени, децидни се претставниците на граѓанските здруженија и дел од пратеничките во македонското Собрание.

Според Маринела Тушева од СДСМ новите измени се логично продолжение на владините кампањи против абортусот и со нив се бирократизира правото на негово остварување и се модифицира до тој степен што жената сама треба да се откаже од ова право.

„Целиот овој закон е направен со цел жената да се понижи, при што на подмолен и суптилен начин се врши влијание врз жената за промена на одлуката“, вели Тушева.

Реакции за законот за абортус: Не смее да се дозволи!За пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ, со новите измени се создава плодна почва за нелегални абортуси, а министерот си зема премногу надлежности во свои раце.

Формирањето на првостепена комисија и медицинските протоколи, вели Поповска, мора да им се остават на стручните лица.

Од невладините здруженија пак посочуваат дека отсуството на дебата и носењето на важни закони по итна постапка е неприфатливо.

„Овој закон праќа порака за неспособноста на жените сами да донесат одлука за тоа како ќе си го уредат животот, дали, кога и колку деца ќе имаат“, нагласува Марија Савовска од „Акција здруженска“.

„Ние сме за закон кој ќе понуди подобри решенија за жената од стариот закон, но не исти или полоши од сегашните“, додава Ирена Цветковиќ од Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

Поднесувањето за барање абортус во писмена форма, задолжителното советување за предностите од раѓањето деца, но и обврската за информирање на брачниот другар пред прекинувањето на бременост со овој закон стануваат големи пречки за остварување на правото на слободен избор на жената, забележуваат граѓанските здруженија.

J.J.