Реакции на осуда за насилството во автобусите

Реакции на осуда за насилството во автобуситеРеакции на осуда на вчерашното насилство во автобусите на ЈСП стигнуваат од повеќе страни. Според министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, се преземаат мерки за расчистување на инцидентот во кој беа повредени осум деца, кои се возеле во автобус со број 65 во кој влетале насилници маскирани и вооружени со палки.

Според министерката, граѓаните и веруваат и може да се потпрат на полицијата. Зачестените инциденти за неа не се само безбедносно прашање, туку, проблемот го лоцира и во нарушениот систем на вредности.

„За ова, се спроведуваат низа проекти во соработка со повеќе институции, кои имаат за цел да го намалат бројот на ваквите инциденти помеѓу малолетниците, а преку отворен разговор да го подигнат нивото на општествените вредности кај децата“, истакна Јанкуловска.

Настанот го осуди и министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој  истакна дека полицијата и обезбедувањето на училиштата се присутни во сите училишта.

„Во училиштата и училишните дворови се уште се во сила безбедносните мерки, а за инциденти надвор од нив е надлежна полицијата“, подвлече Ристовски.

Од Хелсиншкиот комитет повикаа на брза реакција од страна на надлежните институции. Сметаат дека особено загрижуваат вестите за реакцијата на месното население и основите за меѓусебни судири и одмазда на етничка основа помеѓу македонската и албанската етничка заедница.

„Овие податоци укажуваат на меѓуетнички пресметки кои би можеле потенцијално да ескалираат во насилство од поголеми размери помеѓу граѓаните во овој дел на Скопје“, стои во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

Тие посочија дека загрижува тоа што станува збор за четврт случај за две недели, каде физички се пресметуваат младите од различни етнички групи. Потсетуваат дека според нивните податоци, кај овие злосторства е забележан драстичен пораст, а во последните девет месеци евидентирани се повеќе од 90 инциденти и физички пресметки на етничка основа.

Од опозициската СДСМ сметаат дека синоќешниот инцидент е резултат на политиките на поделеност и конфликтност во општеството што се дело на оваа владеачка гарнитура. Храброста на предизвикувачите на ваквите инциденти доаѓа од неефикасноста на МВР да превенира вакви состојби, бидејки во најголем дел од случувањата сторителите или не се откриени, или не одговарале, велат од СДСМ.

Осуда стигна и од Демократскиот сојуз(ДС) и Либерално-демократската партија(ЛДП) , кои одвоено ја повикаа полицијата да ги открие сторителите во инцидентот кај селото Стајковци и да ги казни.

Вчера во Скопје имаше три одделни инциденти во автобуси на ЈСП и автобуските постојки во Скопје. Најтежок беше  инцидентот во автобусот со број 65 на автобуската станица во близина на селото Стајковци. Нападнати беа осум ученици, од кои неколку завршија во болница. По прегледот,  во стабилна состојба се пуштени на домашно лекување.

По инцидентот дел од жителите на Стајковци ја блокираа улицата и побараа заштита на нивните деца.