Професорскиот и Студентскиот пленум и младинската организација „Мугра“ реагираат откако вчера не им беше дозволено да присуствуваат на седницата на Сенатот на УКИМ. Тие велат дека со ова е прекршен Статутот на универзитетот (чл. 110), во кој стои дека седниците на Сенатот се јавни.
„Вратите на Ректоратот на УКИМ останаа затворени за претставниците на академската фела и на медиумите без соодветно образложение, и покрај тоа што Ректорот на УКИМ, кој ги свикува и раководи седниците на Сенатот на УКИМ, беше информиран за нашето барање да присуствуваме на седницата, а и на самата седница не беше изгласано денешната седница на Сенатот на УКИМ да биде од затворен карактер“, се вели во реакцијата на Професорскиот пленум, со која бараат одговорност од ректорот Велимир Стојковски за инцидентот.
Студентите пак, револтирани од настанот, велат дека со ова се покажало оти работниците кои сечат дрвја во дворот на УКИМ имаат поголеми права од нив. Тие реагираат и на изјавата на професорот на ФИНКИ Марија Агушев, кој рече дека Сенатот веќе одлучувал за изградбата на новите факултетски згради, иако пред една недела Ректорот се прогласи за ненадлежен, заедно со Сенатот.
Но, и покрај инцидентот пред Ректоратот, беа собрани доволен број на потписи за да може да се побара свикување на вонредна седница на Сенатот. На професорите и студентите им било ветено дека седницата ќе се одржи веднаш по новогодишните празници, на која детално ќе се дискутираат сите барања кои ги презентираа Студентскиот и Професорскиот пленум.
„Фокусот на вонредната седница ќе биде спречувањето на изградбата на двете нови згради и пронаоѓањето на решение за двата факултета кое ќе биде соодветно и законски донесено. Она што останува е Ректорот да одлучи кога би се одржала оваа вонредна седница на Сенатот“, велат од Студентскиот пленум.
Професорите и студентите бараат одговор на прашањата кој е одговорен за сечењето на дрвјата во кампусот, за влез на специјална полиција за време на блокадата на Ректоратот, на 14 декември и сакаат да дознааат повеќе детали за целата процедура за изградбата на двата нови факултети.