Реакција на граѓани од Трнодол: Нема да дозволиме носење на ДУП со лаги, манипулации и сила

Група граѓани од Трнодол, Жданец и Козле во Општина Карпош реагираат дека нема да дозволат да се донесе Детален урбанистички план за овие населби, со кој, велат, ќе се загрози Водно и безбедноста и вредноста на овие населби.

Тие се револтирани од изјавите на градоначаникот на Општина Карпош, Стефан Богоев на брифингот за носење на нов ДУП за населбата Трнодол одржан на 11 декември, обвинувајќи го дека манипулира со јавноста и граѓаните. Дополнително велат дека е поднесена иницијатива до Уставен суд за преиспитување на постапката, а додаваат дека се подготвуваат и нови тужби околу целата постапка на носење на ДУП-от.

„Во целата постапка Општината не презема ништо да ја спречи опасноста од лизгање на подножјето на Водно, градење згради во заштитен канал од поплави во подножјето на брдото и навлегување со нови градби во Парк шумата Водно над постоечките населби. Со еден збор се заобиколуват потребите на жителите во овие населби и елаборатите и предупредувања на стручната јавност како и значењето на заштитното зеленило и парк шумата Водно“, реагираат од групата.

Тие го повикаа градоначалникот Богоев да го повлече спорниот ДУП и да донесе одлука за стопирање на било какви градби и издавање дозволи на овој дел на Водно. Потоа, велат, заедно со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, да подготват нов регулациски план, елаборат и реализација на конкретни мерки за дополнителна заштита на Водно од поплави и лизгање на земјиштето.

На брифингот со новинарите, како што стои на интернет страницата на Општина Карпош, градоначалникот Богоев соопштил дека изминатиот период имал средба со засегнатите граѓани од Трнодол, кои на првата јавна презентација изразиле сомнежи за овој урбанистички план и дека биле прифатени сите нивни суштински забелешки.

Од Општината најавија и дека јавната презентација на ДУП-от ќе се одржи на 17 декември од 15:30 часот, во просториите на УЗ „Кузман Јосифовски Питу“ (ул. „Стрезово“ бр.7).