Реакции од ЗНМ, ССНМ и АВМУ за нападите врз новинарите Бурнс и Златев

Реакции за заканите кон новинарката Мирослава Бурнс и Љупчо Златев стигнаа од Здружението на новинари, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во врска со закани упатени преку социјалната мрежа „Фејсбук“ кон новинарката на „Слободен печат“, Мирослава Брнс, пристигна осуда и потсетување дека ваквите појави не само што се апсолутно неприфатливи, туку претставуваат и загрозување на слободата на информирање.

„Нападите и заканите кон новинарите, вклучително и оние упатени на социјалните мрежи, претставуваат директен напад врз демократијата и слободата на говорот во едно општество. Новинарите работат во интерес на јавноста и се еден од главните коректори и промотори на демократските процеси. Токму затоа неопходно е да се создадат услови новинарите, ослободени од притисоци, професионално да ја извршуваат својата работа – информирање на јавноста“, истакнуваат од Агенцијата во својата реакција.

Оттаму го осудуваат и вчерашниот напад на новинарот и главен уредник на порталот „Економски Лидер“, Љупчо Златев.

“Нападите врз новинарите претставуваат загрозување на слободата на медиумите и на слободата на информирање. Секој вид на притисок води кон уназадување на демократските процеси и е спротивно на европските вредности, кон кои се стремиме. Агенцијата во повеќе наврати апелираше дека безбедноста на медиумските работници мора да биде загарантирана, затоа што само така ќе можат непречено да ја вршат нивната општествено одговорна професија“, реагираат од Агенцијата.

Здружението на новинарите на Македонија најостро ги осуди онлајн нападите и заканите по безбедноста на новинарката на Слободен печат, Мирослава Бурнс.

Бурнс во текот на вчерашниот ден добила низа закани на својот личен профил на Фејсбук, поради објавување на текст за свадба која се одржала во Тетово, укажувајќи дека тоа е спротивно на законската регулатива која се однесува на борбата против епидемијата со Ковид-19.

„Бараме од Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство итно да превземат дејствија за откривање на лицата кои стојат зад профилите кои се заканиле на новинарката и да ги изведат пред лицето на правдата. Објавувањето на вакви и слични престапи од јавни собири преку кои може да се загрози јавното здравје е од јавен интерес и новинарите во никој случај не треба да добиваат закани по својот живот поради откривање и обелоденување на ваквите групни собири“, пишуваат од Здружението.

Оттаму велат дека овој напад уште повеќе ја истакнува потребата од законски измени во Кривичниот законик, каде во соработка со ССНМ веќе подолго време се бараат измени со кои нападите врз новинарите и медиумските работници треба да бидат третирани како напад врз службено лице. Ова значи дека со ваквите измени на законот институциите ќе бидат обврзани по службена должност да преземаат мерки и дејствија за расчистување на нападите врз новинарите.

Од Здружението истакнуваат дека од новата влада, но и од новиот парламентарен состав ќе продолжат со барањата итно да се пристапи кон измени и дополни на Кривичниот законик со кој ќе се гарантира поголема заштита на новинарите и медиумските работници.

„Новинарската професија е клучна за функционирањето на секоја демократска држава и затоа сметаме дека е крајно време законски да се заштитат професионалните новинари како едни од клучните столбови за штитење на јавниот интерес“, дополнуваат тие.

Од Здружението на новинарите на Македонија пристигна и реакција која остро го осудува нападот кој се случил вчеравечер во еден скопски локал врз новинарот и уредник на Лидер, Љупчо Златев.