„Разочарани сме, до попарени“, вели професорот Петрушевски за владиното игнорирање на протестот на хемичарите

Два месеци откако вработените на Институтот за хемија излегоа на протест поради лошите услови за работа и студирање, професорот Владимир Петрушевски вели дека е разочаран што надлежните целосно ги изигнорирале нивните барања.

„Ефектот (од протестот н.з.) е можеби два пати поголем отколку досега. До сега не постигнавме ништо, а сега постигнавме два пати повеќе ништо. Тотално нè игнорираат. Одговорните луѓе во Министерството (за образование и наука н.з.) се однесуваат како ништо да не се случува. Ние очекувавме дека со новата власт некои работи ќе се променат значително на подобро. И разочарани сме, до попарени“, објаснува Петрушевски за Радио МОФ.

Професорот додава дека засега не планираат нов протест.

„Не сме планирале ништо такво, затоа што идејата на протестите е да опоменете дека нешто лошо се случува. Гледајте, тука сме, имаме проблем… Кога никој не ви помага, кога ве игнорираат, тоа значи дека немаат намера да ви помогнат. Имаме и ние своја гордост. Да плачеме цело време , тоа некако не оди“, вели професорот.

Протестот на професорите и студентите на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ се одржа на крајот на октомври, каде со 30-минутна пауза од предавањата беше изразен револт од условите во кои се одвива студирањето.

Меѓу главните барања беа вложување повеќе средства за реновирање и опремување на студентските лабoратории, средства за финансирање на научно-истражувачки проекти, како и итно одобрување на барањата за вработување на млади соработници.

Подобри условите за работа, поголем буџет и млади соработници, бараат хемичарите на протест