„Размени книга, подари љубов“ – донаторска акција во центарот на Скопје

Во сабота (18 април), со почеток од  13 часот пред спомен куќата на Мајка Тереза, во центарот на Скопје ќе се одржи донаторска собирна акција на книги и училишен прибор за децата од Домот за Деца без родители, „11 октомври”.

Здружението „Хуманост без граници” организира размена на оние книги oд домашните библиотеки кои луѓето ги прочитале еднаш и нема повторно да ги читаат.

Оние кои сакаат да се вклучат во акцијата, треба да се придржуваат кон двете правила – никој не носи книги за кои знае дека нема да бидат интересни за размена и секој зема онолку книги колку што донел.

„Со цел да ги израдуваме децата кои живеат во Домот за Деца без родители “11 октомври” во Скопје, ве покануваме да подарите и донирате љубов, спакувана во едукација, која на децата од Домот за Деца без родители „11 октомври” во Скопје секогаш им е потребна“, велат организаторите.

Препорачливо е да се донираат книги, училишен прибор, сликовници, боенки, лектири, фломастери, темперни, водени, мрсни бои, тетратки, блокчиња, и се од училишен прибор.