Размена на семе и проекција на документарец во Котур

Во среда, 13 февруари, од 17 часот во кафе-барот Котур ќе се организира настан за бесплатна размена на семе и проекција на документарец.

Организаторите велат дека настанот е отворен и дека се добредојдени сите, особено почетници во садење. Секој може да донесе и потоа да земе семе бесплатно.

„Во ек на генетски модифицирани семиња, ништење на биодиверзитетот и изумирање на дивите сорти растенија, организирање и поддршка на ваков тип на локална неформална размена е еден вид политички акт – поддршка кон одржување на локалните автохтони сорти како и нетретираните семиња (без хемиски прашаци) на циркуларен непрофитен начин со акцент на тоа дека тие се јавно добро, национална ризница која во себе го содржи незагаден животот кој никнува од нив. Донесете што имате зачувано – да се подружиме и размениме некој збор два на темата“, порачуваат организаторите.

По размената ќе следува проекција на документарниот филм “Семе приказна која не е раскажана” (https://www.seedthemovie.com/). Во филмот учествува Вандана Шива, една од најгласните светски говорници за заштита на биодиверзитетот и локалните автохтони семиња и истиот е добитник на неколку светски награди. Проекцијата на филмот е најавена и регистрирана кај тимот кој стои позади него.

Настанот ќе се одвива во долниот кат во Котур, а повеќе информации можете да добиете на следниов ЛИНК.