Размена на предмети во „Порта џез“ во Битола

Зимата е веќе на пат, а заедно со неа доаѓа и промената на облека во гардеробите. Време е за „чистење“ на домовите од предмети кои веќе не се употребуваат. Концептот на размената е едноставен – се ослободувате од непотребните предмети во домот, пронаоѓате одредени кои ви се допаѓаат и притоа не трошите ниту еден денар, велат од „СФЕРА Македонија“, организација која во вторник (6 ноември) во „Порта џез“ во Битола организира размена на предмети.

Според организацијата, сите по дома имаме одредени предмети кои веќе не ги употребуваме. Доколку предметот е во добра состојба, велат тие, нема потреба да заврши во кантата за ѓубре.

„Правила на размената: Сите разменуваме заедно. Предметите кои се донесени се оставаат на масата и потоа секој разгледува што му се допаѓа. Можете, но и не морате да донесете нешто. Едноставно може да дојдете и да разгледате дали нешто ви се допаѓа. Донесете само предмети кои се во добра состојба и чисти. Може да земете се што ви се допаѓа од масата, но запомнете дека и другите присутни сакаат да разменат одредени предмети“, соопштува организацијата.

Предмети кои може да бидат донесени: облека, книги, постери, разгледници, грамофонски плочи, растенија и цвеќиња, накит, предмети од домаќинствата (чинии, чаши, алати за работа итн.), електроника (слушалки, компјутерски глувчиња, тастатури итн).

Организаторите бараат да не се носат оштетени или скршени предмети и животни.

Влезот е слободен. Настанот ќе трае од 12 до 18 часот.

„Поканете ги вашите пријатели и придружете ни се. Се надеваме дека ќе уживате и ќе пронајдете нешто уникатно“, повикуваат од „СФЕРА Македонија“.