Размена на облека и проекција на документарецот „True Cost“ во Јавна соба

„Продолжувањето на векот на нашата гардероба придонесува за намалување на загадувањето на животната средина, со оглед на тоа што модната индустрија е втор по ред загадувач во светот. Секој мал чекор е придонес за намалување на загадувањето и поддржување на одржливата мода“, велат од Fashion Revolution Macedonia, кои се дел од глобалното движење Fashion Revolution.

Нивниот прв настан ќе се одржи на 1 октомври во Јавна соба каде ќе имат размена на облека и проекции на документарниот филм „True Cost”. Настанот ќе трае од 16 до 20 часот.

„Донесете си свое парче облека. Парчиња кои се во добра состојба, а со кои не сте повеќе емотивно поврзани. Чисти и подготвени за „нов сопственик”. Целта на размената е да го продолжиме векот на траење на облеката. Со тоа сакаме да ја поткренеме свесноста меѓу потрошувачите за купување квалитетна облека која би траела подолго, наместо „fast fashion” модни парчиња кои навидум ги купуваме евтино, а понекогаш ги употребуваме и само еднаш“, велат од Fashion Revolution Macedonia.

Тие ги замолуваат од учесниците во размената да донесат чиста облека која е во добра состојба. Може да се донесе минимум 1 парче, а најмногу 5. Облеката која нема да најде нов сопственик за време на настанот ќе биде донирана на организацијата „Љубезност”.

Влезот на настанот и проекциите е слободен.

„Веруваме во модна индустрија која подеднакво ги вреднува човечкиот капитал, животната средина, креативноста и профитот. Ја славиме модата, но истовремено сакаме да ја подигнеме свеста за најгорливите проблеми, да покажеме дека промената е можна и да ги охрабиме сите засегнати страни во создавање на поголема одржливост и етичност во модната индустрија“, велат од иницијативата.