„Разговори под виножитото – потреби, предизвици и приоритети“

Субверзивен фронт ја организира Националната ЛГБТИ конференција на тема „Разговори под виножитото – потреби, предизвици и приоритети“, која ќе се одржи во среда, 6 декември, од 10 часот во Сити Хол Центар.

Конференцијата има за цел да ги собере на едно место дел од клучните чинители за застапување на ЛГБТИ правата, како што се претставници од надлежните министерства, пратеници од Собранието на РМ, претставници од политичките партии, претставници од независните тела за човекови права и еднаквост на РМ, претставници од медиумите, како и претставници од граѓанскиот сектор кои ги застапуваат правата на ЛГБТИ луѓето.

Настанот е во организација на Здружението за критички пристап кон родот и сексуалноста „Субверзивен фронт“ од Скопје, со поддршка на Сараевскиот отворен центар од БиХ и Виктори институтот од САД.

Воедно, на конференцијата ќе бидат претставени наодите од две истражувања кои Субверзивен фронт ги спроведе годинава:

1. Процената на потребите на ЛГБТ заедницата во Македонија спроведена во соработка со Универзитетот во Мичиген, САД, и

2. Регионалното истражување за политичкото учество на ЛГБТИ луѓето во Западен Балкан спроведено во соработка со Лабрис, Србија.

На конференцијата ќе се одржи и панел дискусија на тема „Од конверзација до трансформација – ЛГБТИ правата во новиот политички контекст во РМ“. Во неа ќе учествуваат Ивана Туфегџиќ – пратеничка во Собранието на РМ, Ѓултен Мустафова – Државна советничка за недискриминација и човекови права и за спроведување на стратегијата на стратегијата за Ромите при Министерство за труд и социјална политика, Ирена Цветковиќ – Извршна директорка на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ – Проектна координаторка при Македонско здружение на млади правници.