Разговор со Владимир Илиевски како дел од кампањата „Читаме современи македонски автори“

Во спомен-собата „Т’га за југ“ во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ утре (6 февруари) ќе се одржи разгворо со Владимир Илиевски, автор на романот „Суво мастило“.

„’Суво мастило’ е роман во кој авторот вешто ја користи историјата како моќна, објективна и вистинита книжевна подлога, а истовремено гради субјективен книжевен однос и перцепција кон таа вистинитост“, се вели во најавата за настанот.

Разговорот ќе започне во 19 часот. Модератор е книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

„Опфаќајќи голем временски период таа приказна се плете и расплетува на цврст реалистички принцип, но со голема внимателност на авторот кон фактите и темелноста на историската оправданост.  Овој исклучително талентиран прозаист развива прекрасна
приказна за еден од најинвентивните личности на раниот дваесетти век, Едуард Пенкала, човекот чие презиме постојано го споменуваме кога ќе изговориме ‘пенкало’, за човекот кој покрај ‘пенкалото’ и ‘сувото мастило’ со кое пишува тоа, во својата листа имал уште осумдесет други пронајдоци без чија функција дури и денешниот, сѐ повеќе виртуелен, дваесет и први век не би можел да функционира“, пишува критичарот Сашо Огненовски.

Клубот на читатели посветен на ова дело е закажан за 29 февруари. Настанот е дел од кампањата „Читаме современи македонски автори“ со која Градската библиотека цели за поддршка на на македонските писатели, издавачи, но и на македонскиот јазик.

Владимир Илиевски е прозаист, поет и книжевен теоретичар. Дипломира и магистрира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Ги има објавено книгите: Гледач на линија (поезија, 1997), Избор и случајности (поезија, 2000), Мојата лична амортизација (поезија, 2002), Цитатноста во лириката (книжевно-научна студија, 2007), Нема исти утра (поезија, 2008), Ноќна еротска програма (поезија, 2011), Лични податоци (поезија, 2014), Брзината не убива (поезија, 2016) и Пената на црниот бран (раскази, 2018).

Дел од творештвото му е преведено на бугарски, хрватски, српски, руски, украински, полски, литвански, италијански и англиски јазик.

„Суво мастило“ е издание на Македоника литера и беше финалист за Роман на годината во 2020 година.