Разговор со визуелниот уметник Јане Чаловски во „Буква“

Овој петок (16 јули), во кафе книжарницата „Буква“ ќе се одржи презентација на творештвото на младиот визуелен уметник Јане Чаловски. Разговорот, во организација на КСП Центар Јадро ќе го модерира историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски, со почеток во 21 часот.

Оваа програма, „Јадро“ ја реализира преку избор на 10 уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена и кои со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес.

„Во текот на последните години бевме сведоци на недостаток на континуитет или структурирана историографија што ја следи и третира македонската визуелна сцена. Многу наши уметници имаат многу богата продукција и под многу тешки услови успеваат да ги изложат своите дела на релевантни изложби дома, во Европа и светот. За жал, поради системското занемарување на институциите и медиумите, нивните дела и успеси не се доволно презентирани пред пошироката јавност. Оттаму, сметавме дека преку овие презентации и разговори во живо со истакнати автори ќе успееме во поголема промоција како и генерациско поврзување што ќе помогне во воспоставувањето на континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена. Во рамките на 10-те предавања/презентации, уметниците ќе направат преглед на своето творештво или ќе претставатизбор од своите најрепрезентативни проекти“, велат од „Јадро“.

Јане Чаловски (1973, Скопје) студирал скулптура на Акаденијата за ликовни уметности во Пенсилванија (1992-1996), а дипломирал на колеџот „Бенингтон“ (1997).

Учествувал на постдипломски програми на Центарот за современа уметност во Китакјушу (1999-2000) и на Академијата „Јан ван Ајк“ (2002-2004), а магистрирал медиумска и културна продукција на Универзитетот „Линкопинг“ во Шведска (2010).

Во својата практика Чаловски се занимава со традицијата на истражувањето и преведувањето, поврзувањето, емпириски идеи со анализа на референциите од историјата на уметноста, што го води во дела ситуирани во просторната особеност на нова културна и политичка географија. Често се занимава со места во историјата и собира локална култура, како предмети, приказни и песни, за пресоздавање, покажувајќи дека современата концептуална уметност може да креира нови и иновативни сценарија и основи за интерпретација на домашното знаење со историјата и со општеството.

Чаловски ги изложувал, прикажувал и ги објавувал своите контекстуално ориентирани и дела засновани на цртеж во меѓународни рамки, и тоа во: Музејскиот кварт во Виена, Францускиот институт во Токио, Националниот музеј на современа уметност (МНАЦ) во Букурешт, Бункер Штуки Краков, Фондација Баухаус Десау, Кунстхале Баден-Баден, Кунстхале Брегенц, Салцбург Кунстверајн, Уметнички центар Акбанк, Истанбул, Тејт Британија, Европски Кунстхале, Институтот за медиумска уметност на Холандија, Кроника – Битом, Констхале Брантс, Балтичкиот уметнички центар, Центарот за современа уметност во Вилнус, АР/ГЕ Кунст, Центарот за цртеж во Њујорк, Музејот на современа уметност во Скопје и други. Изложувал и на Биеналето за фотографија во Хелсинки (2014), Второто биенале на современа уметност D-0 ARK Underground (Босна и Херцеговина) (2012), СпаПорт интернешенал (2010), Манифеста 7 (2008), ПР 04, Порторико (2004), Манифеста 3 (2000). Исто така бил застапен и на Артинтернешенал 2015, Истанбул, Фриз Лондон, Арт Базел, Виенскиот уметнички саем и АРКО Мадрид.

За својата практика, меѓу другите признанија, добитник е и на стипендијата ОРТунг 2012, на стипендијата од Фондацијата на Алијанц за уметност 2004, стипендијата „Пју“ за уметности 2001.

Оваа серија разговори е реализирана со финансиска поддршка на од Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија #CHinMK и Министерство за култура.