Разбиена група во Виница која незаконски продавала несоодветни тестови за коронавирусот

Полицијата во текот на вчерашниот ден дошла до сознание дека 35-годишниот В.П. и 46-годишниот М.А. од Виница заедно со уште едно правно лице нуделе и продавале несоодветни, брзи тестови за коронавирусот, по претходни добиени сознанија и оперативни проверки, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Поради постоење на основи на сомневање за сторено кривично дело – ‘незаконито земање и користење на генетски и биолошки материјал’ казниво по чл.210-а од Кривичниот законик, со наредба од Јавен обвинител, бил извршен претрес во дом и други простории, при што во домот на В.П. пронајдени се седум кеси со натпис ‘Ковид Чек ТМ’ и едно шише од 2 мл со течност со натпис ‘Буфер’, кои се одземени. До надлежното обвинителство ќе биде доставен соодветен поднесок, а и во наредниот период се преземаат мерки во врска со ваквите случаи“, стои во соопштението на МВР.

Од министерството апелираа граѓаните да им веруваат и да им се обраќаат само на овластени медицински лица кои се матични лекари или епидемиолози на Институтот и Центарот за јавно здравје и да не наседнуваат на вакви измами.