Растење канабис за лична употреба е легално, одлучи Врховниот суд во Италија

Врховниот суд во Италија донесе пресуда дека е легално растење мали количини канабис за домашна употреба, објави Гардијан.

Одгледувањето и продажбата на марихуана беше забрането според закон, кој датира од 90-тите години, а противречните судски одлуки оттогаш создадоа несигурност околу законот.

Судот одлучи дека кривичното дело за одгледување треба да ги исклучи „малите количини што се одгледуваат дома за ексклузивна употреба на одгледувачот“.

Иако пресудата беше донесена на 19 декември, таа не беше објавена во медиумите до пред 2-3 денови. Тоа предизвика повици за понатамошна легализација од застапниците за канабис, но и револт од конзервативците.

Според Гардијан, логиката на судот зад решението сè уште не е објавена и темелната, длабинска одлука нема да биде објавена со недели или дури со месеци.

Како таква, не е јасно колкав квантитен на канабис претставува „мала количина за одгледување“, но пресудата поттекнува од случај каде сторителот поседувал две стебла.

„Судот го отвори патот, сега зависи од нас“, рече Матео Мантеро, сенатор од ко-владејачкото движење „5-Ѕвезди“.

Мантеро во петокот презентираше амандман во буџетот за 2020 година, во кој се бара легализација и регулирање на употребата на канабис за домашна употреба, но не му беше допуштен од спикерот на сенатот од конзервативната партија „Форза Италија“ на Силвио Берлускони.