Расте бројот на лицата со ХИВ во Македонија, институциите сериозно да се посветат на проблемот

Почнувајќи од 1987 година, до декември минатата година, во Македонија биле регистрирани вкупно 274 случаи на ХИВ. Само годинава има 33 нови случаи на инфицирани лица, а двајца починале од овој вирус, кој најчесто се пренесувал преку сексуален однос.

Овие податоци денеска ги истакна Ѕвонко Миленковиќ, Национален координатор за ХИВ во државата, на завршната конференција за Програмата за превенција на ХИВ, организирана од македонското здружение ХОПС и косовското Лабиринт.

Статистиките покажуваат дека постои континуиран пораст на бројот на лица кои се заразуваат со ХИВ во последните три години. Лани, оваа бројка изнесувала 45 лица.

Според Миленковиќ, Македонија сепак е една од државите со најниски стапки на лица со ХИВ, благодарејќи на развиенот механизам за регистрирање и задолжителен третман. Сепак, тој нагласи дека се уште треба да се внимава на овој проблем.

„Постојат проценки на глобално ниво коишто се базирани на проценките на СЗО и насекаде во регионот, не само во Република Македонија, дека на секој потврден случај, постојат два до три случаи на лица што не се тестирани за ХИВ. Ние правиме сè за овој број да се намали што повеќе“, рече тој.

Но, според него, загрижувачки е фактот што се менува структурата на лицата кои се инфицирани од ХИВ. Миленковиќ смета дека сè повеќе наликуваме на развиените земји од Западна Европа.

„Кај нас, во нашата популациска структура, немаме лица што се интравенски корисници на дроги, односно бројот на такви лица е многу мал, но ги имаме оние категории кои во Западна Европа и во развиениот свет стануваат доминантни. Во последно време, станува и кај нас сè позастапена категоријата на МСМ лица (мажи хомосексуалци) коишто имаат ХИВ инфекција. Секако дека тие се наш примарен таргет на следење и научни елаборации“, подвлече тој.

Според менаџерката на проектот, Васка Цветановска Панова, две од четирите стратегии наменети за спроведување во Македонија биле завршени, што за неа претставува голем успех. Овие стратегии кои се реализираа во Тетово, Гостивар, Куманово и Скопје беа дел од двегодишната соработка со Косово, помогнати со средства од Европската Унија.

Таа вели дека постојано се работи на едукација на здравствените работници и на професионалците кои директно се вклучени во работата со лицата со ХИВ, иако како што нагласи, дискриминацијата и стигматизацијата кон овие луѓе треба допрво да се мери.

„Во однос на јавната свест, искрено се надевам дека имаме подобрување. Во рамките на проектот имавме тренинзи кои беа во таа насока и морам да кажам дека сите 100 присутни учесници првпат се соочија со фактите што им ги произнесовме на обуките“, рече Цветановска Панова.

Но, за да се одржи квалитетот и квантитетот на програмите потребна е помошта на институциите, односно тие да преземат одговорност за понатамошна нивна одржливост, смета извршниот директор на ХОПС, Христијан Јанкуловски.

„Финансиските средства не се секогаш доволни, но важно е дека не секогаш треба големи средства. Доволна е посветеноста на државните институции во својот дел на работата, да дадат свој придонес за превенција, план, грижа и поддршка за лицата. За жал, Македонија завршува со имплементација на проектот, а Косово во следните две години, што значи дека сите институции мора да бидат свесни дека продолжувањето на финансирањето на овие програми е исклучително значајно. ХИВ не е само здравствено прашање, ХИВ е многу повеќе од тоа“, рече Јанкуловски пред присутните претставници на локалните самоуправи.

На ова се согласи и неговиот соработник од Косово, Сафет Блакај, кој како претставник на Здружението Лабиринт, рече дека се надева оти соработката и понатаму ќе продолжи, а дека помошта од државата нема да запре.

Според Ирена Иванова, од Делегацијата на ЕУ, изминативе две години се зацврстил граѓанскиот глас на регионално ниво и токму поради тоа, очекува институциите да имаат слух и во иднина за луѓето со ХИВ, но и за оние кои сакаат да им помогнат.

„Ве охрабрувам граѓанските организации во Македонија, да бидете проактивни, аплицирајте, бидете храбри, вие сте оние што знаат што им треба на локалното население, го знаете локалниот контекст и капацитет и потребите. Вие сте сврзното ткиво кое може да ги поврзе институциите на локално ниво и да направи промена“, им се обрати Иванова на присутните.

Е.П.