Раст на онлајн трговијата во Македонија – најмногу се купува облека, производи за домаќинство и електроника

Спроведената анкета во првото тромесечје на 2018 година во Република Македонија во која испитаниците се изјаснуваат за направените онлајн нарачки и купувања во последните 12 месеци покажува раст на онлајн трговијата. Во овој период нарачале/купиле онлајн 31,6% како процент од интернет корисниците, спрема 19,5% истиот период минатата година што претставува пораст од 62%. Тоа значи дека 406 илјади граѓани нарачале/купиле онлајн во последните 12 месеци.

„За развој на е-трговијата потребен е холистички пристап и партнерски однос помеѓу бизнисите, банките, владата и корисниците. Во 2017 година се формираше Асоцијацијата за е-трговија на Македонија токму за поврзување на сите засегнати страни со цел соработка за раст и развој на е-трговијата. Објавените резултати за 2018 година од страна на Државниот завод за статистика се охрабрувачки и можат да дадат мотивација за понатамошни активности и работа за постигнување поголеми резулатати“, вели Нина Ангеловска, претседател на Асоцијација за е-трговија на Македонија и Директор и коосновач на Grouper.mk, која ја подготви анализата на податоците.

Граѓаните од Македонија, како и во минатата година, најмногу купувале облека и спортска опрема но структурно со помало учество од минатата година. На сметка на тоа повеќе купувале производи за домаќинство, храна и друго.

Значаен податок е и тоа дека за разлика од минатата година, кога 31,7% од граѓаните купувале онлајн од продавачи од земјава, оваа година тој удел е зголемен на 52,3%.

„Ако во минатото доминантна онлајн трговија била кај продавачите од другиот дел на светот, најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека жителите на Македонија доминантно купувале од домашните е-трговци, што е особено за поздравување“, додава Ангеловска.