Раст на фемицидите во Мексико откако претседателот ги скрати буџетите за сигурни куќи

Со стартот на пандемијата се зголеми и насилството врз жените, но претседателот одлучи да ги укине буџетите на агенциите кои се занимаваат со оваа женска проблематика.

Според податоците добиени неделава, се покажува раст на фемицидите за 7,7% во првата половина на 2020, за разлика од бројките од минатата година. Истовремено, сигурните куќи пријавиле зголемен број на жени кои се јавиле да побараат засолниште.

Ваквиот раст на јавувања се должи на кратењето на буџетот за сигурни куќи од страната на власта на мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопес Обрадор.

Минатата недела владата одобрила скратување на буџетот наменет за Федералниот женски институт за 75%, а претседателот предложил и скратување на државниот фонд за женски сигурни куќи кои функционираат преку невладини организации, сугерирајќи дека на жените во таа ситуација повеќе ќе им одговара кеш исплата.

Обрадор ја разбранува јавноста со несериозното сфаќање кон женските проблематики уште од почетокот на неговиот мандат. Тој инсистирал дека 90% од барањата за помош се лажни, додавајќи дека мексиканските жени никогаш не биле повеќе заштитени.

Но, овонеделните статистики покажале поинаква приказна – со почетокот на карантинот пораснал и бројот на вртења во Итната служба.

Од Националната мрежа на сигурни куќи нагласиле дека добиваат 80% повеќе јавувања од почетокот на пандемијата, додавајќи дека бројот на жени и деца кои се засолниле во 69 центри бил зголемен за 50%.

При почетокот на пандемијата, сегашната влада на Мексико била исмеена во јавноста откако рекламите на јавните сервиси апелираа на „броење до 10“ како мерка против зголемените семејни тензии во карантинот.

Кога милиони жители се приклучиле на првиот државен женски протест поради родовото насилство овој март, претседателот сугерирал дека организаторите на простестите се десничари кои сакаат да му наштетат.

Но, и покрај масовноста на протестите, според владините информации крвопролевањето продолжило и уште повеќе жени биле убиени во април.

Дијана Рајгоза Монтес, студентка по право, била пронајдена мртва во нејзиниот дом при крајот на мај. Монтес била прободена 39 пати. При почетокот на јули, пет жени, меѓу кои и четири девојчиња биле пронајдени мртви во својот дом.

Обрадор го објаснува насилството, вклучувајќи го и родовото насилство како „губење на вредностите“. Тој неретко зборувал за моралот и ја цитирал Библијата во раните прес конференции.

Според аналитичарите, претседателот го центрира семејството како одговор кон кризата од Ковид-19, избирајќи ја традицијата како заштитна маска зад финансискиот колапс.

Извор: Guardian