Расправа во Собранието за предлог-законот за абортус

Во Комисијата за здравство во Собранието на јавна расправа повторно се отвори прашањето за абортусот. Новиот предлог-закон за абортус беше поддржан од најголем дел од присутните, иако се разви расправа со дел спротиставени страни.

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска го поздрави новиот предлог Закон за прекинување на бременоста, кој според неа ја почитува волјата на жената, а го поздрави и процесот на подготовка во кој беше вклучен и граѓанскиот сектор. Меѓу другото, Пировска укажа на тоа дека сме секуларна држава.

„Тука се носат световни закони. Верските заедници можат да си зборуваат за своите црковни закони, во нивните храмови. Господ секогаш бил најголем непријател на жената“, нагласи Пировска.

Нагласи дека за ова прашање треба да дискутираат жените, и само жените, а секако и стручните лица кои имаат знаење за ова прашање. Упати апел да не се потпаѓа под манипулациите околу овој закон, со информации пласирани од верските заедници и други групи, и ги повика пратениците да го поддржат и усвојат предложениот закон.

Од невладината организација „Лидија – Срце што чука“ обвинија дека се работи за рестриктивен закон и дека сме „нација во изумирање. Сметаат дека со Законот жената „веднаш се става во хируршка сала“ и дека не се води грижа за неродените деца.

„За луѓе кои што тврдат дека се борат за правата на жената да имат избор, со овој закон и овозможувате се’ освен право на избор, зошто само аборутсот го ставате како избор, каде е нејзиното право да се оствари како мајка“, изјави Светлана Јовановска од „Лидија – Центар што чука“.

Според министерот за здравство, Венко Филипче „не е наше да ѝ попуваме на жената кога е нејзиното здравје во прашање“, потенцирајќи дека со новите измени се враќа правото на избор на жената таа да одлучи сама за себе.

„Мајчинството е ексклузивно право на жената, на бројот на деца, доколку таа сака. Тоа не е работа на судии, попови, оџи, лекари, а најмалку на политиката да одлучува за ова право на жената. Наша задача е да обезбедиме услови тоа право жената да си го добие, а државата да обезбеди институции и експертиза за тоа квалитетно и стручно да се заврши“, изјави  Филипче.

Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека го поздравува носењето на законот, бидејќи, како што посочи, тој е потребен со цел заштита на здравјето на жената.

„Овој закон имаше многу недостатоци. Немаше жена која немаше поплаки од административните забрани. Во изминатиот период е зголемен процентот на нелегални абортуси и многу жени се одлучиле да абортираат во други земји. Овој закон ќе овозможи жените сами да одлучат кога ќе ја прекинат бременоста. Треба да има едукација на младите за тоа како би се заштитиле од несакана бременост“, додаде Рангелова.

Инаку, со новиот Предлог-закон жената веќе нема да има потреба да чекаат три дена по советувањето за да биде спроведена интервенцијата, нема да биде принудена да објаснува зошто сака да ја прекине бременоста и никој друг нема да решава прекинот на бременоста. Правото на жената за прекинување на бременоста е само нејзин избор.  Новиот Закон предвидува прекинувањето на бременоста да може да се изврши до истекување на дванаесеттата гестациска недела со писмена согласност од бремената жена.

Пред зафатот за прекин на бременоста лекарот е должен да ја информира жената за постапката за прекинување на бременост, што може да се очекува за време на прекинувањето на бременоста и по завршувањето на постапката, за методите на контрацепција пред и по спроведувањето на прекинување на бременоста на начин разбирлив за жената за да може да донесе одлука и да даде изјава за согласност. Овој закон и дава право на жената соодветно да одлучи за прекинување на бременоста до 22 гестациска недела, а не како до сега до 12 недела.