Распишан вториот регионален конкурс за краток расказ – Бибер

Тимот на Бибер и Центарот за ненасилство-Сараево го распишаа вториот регионален конкурс за краток расказ – Бибер. Темата на конкурсот е помирување во контекст на наследството од војните и насилството во земјите од поранешна Југославија, особено во периодот 1991-2001 година.

Авторите и авторките кои пишуваат на албански, македонски, босански, црногорски, хрватски и српски јазик може да ги испратат своите раскази. Повикот се однесува на афирмирани автори и авторки, како и на оние кои досега немаат објавувано.

Конкурсот е отворен до 14 јуни 2017 година.

Авторите/ките на трите најдобри раскази ќе бидат наградени со парични награди:
1. награда 800 евра
2. награда 600 евра
3. награда 400 евра

Најмалку дваесет избрани дела ќе бидат објавени во повеќејазичен зборник.

Жири-комисијата ја сочинуваат Татјана Громача, Фарук Шехиќ и Ким Мехмети.

Одлуката на жири-комисијата ќе биде објавена до 30 октомври 2017. година. (Процесот на донесување на одлуката трае релативно долго поради потребата од превод на голем број од расказите).

Помирувањето не е популарен термин, бидејќи најчесто се поистоветува со концептот на простување или со идејата дека сè треба да заборавиме и да се свртиме кон иднината. Длабоко веруваме дека е невозможно да се заборави ужасот на загубата, патењето и неправдата која луѓето ја имаат претрпено.

Меѓутоа, доколку помирувањето го разбереме како откажување од омразата, како барање начин да се дојде до правда, но така што во тоа барање на другиот да не се врши неправда, како шанса да изградиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите, тогаш сметаме дека е тоа нешто што нам ни е и повеќе од потребно. Затоа сакаме да ги повикаме авторите и авторките да размислуваат за помирувањето на еден нов и креативен начин и да нè инспирираат со раскази кои ги надминуваат постоечките предрасуди и вкоренетите непријателства, раскази кои ги поместуваат границите. И можеби на тој начин го дадат потребниот поттик на нашите општества.

Правила и услови на конкурсот

  1. Пријавувањето на конкурсот се врши исклучиво по електронски пат.
  2. Темата на конкурсот е помирувањето по војните во пост-југословенските контексти.
  3. Авторите и авторките можат да испратат најмногу два кратки раскази.
  4. Расказот не смее да биде подолг од 9.000 карактери (со празни места).
  5. Расказот треба да биде напишан на албански, македонски, босански, црногорски, хрватски и српски јазик (се подразбираат и другите називи на овие јазични групи, како на пример српско-хрватски јазик) и потпишан со шифра. Документот во кој се наоѓа расказот да биде именуван со насловот на расказот.
  6. Расказот не смее да биде претходно објавуван, интегрално или во склоп на некоја поголема целина.
  7. Конкурсот се затвора на 14. 06. 2017. година.
  8. Со учеството на конкурсот авторите и авторките се согласни нивниот расказ, ако влезе во тесниот избор, да биде објавен во Бибер збирката.
  9. Доколку расказот не ги исполнува условите на конкурсот, ќе мораме да го дисквалификуваме.

Пријавата за учество на конкурсот се наоѓа на следниот линк.