Распишан тендер за „Рајскиот парк“ во Аеродром, вреден 15 милиони евра

Државната компанија Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) распиша тендер за изградба на „Рајскиот парк“ во скопската населба Аеродром, чија вредност ќе изнесува 900 милиони денари (14.6 милиони евра), без ДДВ. Проектот беше најавен пред три години, кога имаше и повик за идејно решение. Во „Рајскиот парк“, кој треба да се протега на девет хектари, покрај кејот на Вардар во населбата Ново Лисиче, според планот, слободно ќе се шетаат срни, фазани, мајмуни и други животни.

Според објавените податоци од Бирото за јавни набавки, државната енергетска компанија планира проектот да го реализира во период од две години. Проектната документација за Рајскиот парк е веќе завршена, а само за идејното решение се потрошени речиси 114.000 евра. Автори на проектот се Никола Стакинов и Лазар Димов. Замислата за издигнување на ваква содржина во Скопје беше обелоденета на отворена владина седница од поранешниот премиер Никола Груевски кон крајот на 2012 година. Сите заинтересирани компании имаат рок до 23 јуни за да ги достават своите понуди до Електрани на Македонија, по што ќе следи период за избор на изведувач на Рајскиот парк.