Распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“

Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распишува годинешниот конкурс за наградата „Роман на годината“ кој ќе трае од 15 декември до 15 јануари 2022 година.

Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2021 година. Kандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во читалницата „Славко Јаневски“ во Скопје (ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 23/1-1) секој работен ден од 12 до 20 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.

„Доколку бидат испратени по препорачана пошта, ќе бидат прифатени оние романи коишто благовремено ќе бидат доставени со дата на печатот заклучно со 15 јануари 2022 година. Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: romannagodinata@gmail.com“, стои во повикот.

Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2022 година, а следниот работен ден да ја објави на прес-конференција. Наградата „Роман на годината“ која беше заштитен знак на згаснатиот „Утрински весник“, ќе биде доделена по 23-ти пат.

„Скриени желби, немирни патувања“ на авторот Владимир Јанковски („Антолог“, 2020) е лауреатот на наградата „Роман на годината“ за 2020 година.