Раскината концесијата за Охридско Езеро, утврдени нерегуларности во заштита на рибниот фонд

Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за раскинување на договорот за концесија за Охридското Езеро со концесионерот „Летница-Белвица“ поради утврдените нерегуларности од страна на надлежните институции во работата на досегашниот концесионер.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски информираше дека во записникот на Државниот инспекторат за земјоделство е констатирано дека Концесионерот не вршел навремена и целосна физичка заштита на рибите од риболовното подрачје Охридско езеро, што е спротивно на Договорот за концесија.

„Во записникот се констатирани нерегуларности и во делот на пријавувањето на вработените и постапките за вработувања, коишто концесионерот ги спроведувал спротивно на Законот за рибарство и аквакултура. Концесионерот не водел точна, навремена и целосна евиденција на уловената риба согласно законските одредби, што исто така е спротивно на Договорот за концесија. Нашите политики и мерки се насочени кон заштита на езерата и рибниот фонд, нема да дозволиме некој да го злоупотребува ова наше природно богатство“, вели Димковски.

Од Министерството додаваат и дека откако ќе заврши постапката за раскинување на концесијата, ќе биде објавен нов јавен повик за доделување на концесија за Охридското Езеро.

Димковски потсети дека во декември минатата година до МЗШВ е стигнат допис и од Министерството за внатрешни работи – Регионален центар за гранични работи „Запад-Охрид“ поради отсуство на преземени активности од страна на концесионерот на Охридското езеро „Летница-Белвица“, во делот на контролите за откривање и спречување на криминал.

И за овој записник Министерството реагирало до Државниот инспекторат за земјоделство, Пазарниот и Трудовиот инспекторат, како и Агенцијата за храна и ветеринарство за да извршат вонредни инспекциски контроли на терен.