Раскази на Митевска, Георгиевски и Лафазановски наградени од „Нова Македонија“

Добитничка на првата награда на годинашниот Конкурс за краток расказ на „Нова Македонија“ за ракописот „Присвоено јунаштво“, доставено под шифрата Војсководец, е авторката Силвија Митевска. Автор на второнаградениот расказ „Дедо Митре го урива покривот“, под шифрата Чатија, е Ѕвездан Георгиевски, а на третонаградениот „Инаетот што тлее меѓу нас!“ (шифра: Ашурбанипал) е писателот Ермис Лафазановски, објави весникот „Нова Македонија“.

Добитници на откупните награди се: Билјана Стевковска-Савиќ за расказот „Несреќна случка“ (шифра: Феликс), Петар Андоновски за „Кој се плаши од Минотаур?“ (шифра: Лаванда) и Марио Букна за „Колекционер на кукли“ (шифра: Весна и Звонко).

Наградите ќе им бидат врачени утре во 11 часот во кафулето „Капри“ на свечена манифестација.

Инаку, како што објави весникот, годинава на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ пристигнале над 200 раскази. Автентични и иновативни теми, коректна јазична структура, стилска разноликост и вешта раскажувачка техника беа некои од основните критериуми по кои се раководeло жирито во состав на  Александар Прокопиев, селектор, и Весна Дамчевска, уредничка на редакцијата за култура и претставничка на „Нова Македонија“.

По доделувањето на наградите, избраните раскази редакцијата на „Нова Македонија“ ќе ги објавува во прилогот за култура ЛИК, кој излегува секоја среда.