#РаскажиМи: „Риба“ од Иван Николов

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок  објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Нема услови за расказите, освен тие да бидат на македонски јазик.

Овој пат во рубриката #РаскажиМи го објавуваме расказот „Риба“ од  авторот Иван Николов.

Иван Николов е од Битола. Тој е бруцош на ФИНКИ и сака да продолжи во полето на вештачката интелигенција. За себе вели дека го интересира планинарење, спортување, велосипедизам и слушање музика. Неговите омилени автори се Дино Буцати, Кафка и Достоевски.

Во продолжение прочитајте го расказот „Риба“.

Риба

Температурата на водата е 75 степени Фаренхајт, или 24 Целзиусови степени. Небитно. Чистотата е на добро ниво. Филтрите и термометарот се функционални. Дадена е само најквалитетната храна. Рибите се среќни, имаат сѐ што им треба. Нема нешто што не им е погодено. Сѐ е прилагодено за да имаат што помалку стрес. Идеални услови. Сето тоа наликува на некаква идеалистичка утопија.
Аквариумот живее во мир. Сите риби се среќни.
Населението на аквариумот е разновидно. Се движи од сомови, до оскар риби, до чихлиди, па дури и најразличните подгрупи на чихлидите. Се има развиено тотален еко-систем во нашиот аквариум. До одреден степен има коегзистенција и некаков баланс и никаква група на риби не доминира, единственото поголемо малцинство се чихлидите. Но заради нивното понатамошно групирање, тие се поделени и балканизирани на помали групи.
Секоја група има приближен број на членки , освен една група која што се состои од една единка. Таа е flowerhorn групата која што се состои од една осамена индивидуа. Тоа е тип на чихлид кој не постои во природата, односно е создаден со мешање на две риби што не би требало да се во контакт. Овој тип на риба се раѓа со мрестењето во деведесеттите години од минатиот милениум и вонглавно се користи како скапа, па дури би рекол луксузна аквариумска риба. Не се најпривлечни риби, но како што велат Англичаните, Beauty is in the eye of the beholder, односно, убавината е субјективна. Тоа што е убаво за мене, можеби нема да е убаво за тебе и обратно.
Првото нешто што ќе го забележите за оваа риба, но и нештото што истовремено ѝ е најкарактеристична црта, е шарената грпка на нејзината глава. Грпката може да се шири или да се намалува во текот на неколку дена и тоа зависи од условите. Исто така, грпката е многу нежна и кревка и треба голема претпазливост и грижа за нејзиното здравје. Заради најмалите судири со аквариумот, провоцирани или не, можат да се појават фатални последици. Покрај оваа риба, воглавно, сите чихлиди се темпераменти, агресивни риби и сакаат брзо да се движат и да копаат во песокта. Така што, има многу можности да таа да биде повредена, но самата се грижи, па тоа не се случува. Најморбидното нешто за оваа риба е тоа дека оваа грпка може да се распадне и да се појават големи дупки што ќе одат длабоко во месото, се подразбира, доколку живее во лоши услови. Другиот дел од телото ѝ е вонглавно многу нормален и немаме нешто специјално за коментирање.
Тоа се рибите кои што живеат во аквариумот. Од нивна гледна точка се гледа поголема просторија во која што се шетаат многу личности. Личностите што влегуваат и излегуваат се исто така разновидни. Некои од нив доаѓаат овде на посети сами. Некои од нив доаѓаат со нивните партнери, небитно дали љубовни или бизнис, пријатели и фамилии. Некои од нив доаѓаат облечени, како да биле свежо излезени од морето и што туку се прибрале од блиската плажа, а некои биле облечени во свечени костими спремни за да направат некоја битна одлука. Доаѓаат и го посетуваат аквариумот, гледајќи и восхитувајќи се на убавината на рибите и нивниот свет. Ќе дојде и по некое девојче и ќе почне да тропка на стаклото на аквариумот за да им го добие вниманието. Сите риби со голема брзина се зближуваат кон нејзе. Не се знае што очекуваат или што сакаат. Дали се заинтересирани во вонземјанецот кој што ги посетува, дали сакаат од него некаква награда или поклон, може се молат за милост, или па го сакаат неговото внимание и љубов. Знаеме девојчето со протезите што сака, таа веднаш се искажува и со голем ентузијазам: „Тато, тато, дали ќе може да ја земеме црно-белата рипка??“ прашува со целосно отворени очи и лице. „Сигурна си дека нејзе ја сакаш, да не испадне како минатиот пат и да мора да ја враќаме?“- одговори таткото фаќајки си ја главата дури испушта топла насмевка кон неговата ќерка. ,,Да, сигурна сум, знам сега што сакам“. И така е смената судбината на црно-белата рипка, таа е одбрана од девојчето. Не знаеме според какви критериуми. Можеби поради бојата на пигментот, интересната источна шара, можеби поради начинот на движење, па дури можеби и од самата местоположба на рипката. Па дури можеби и нејзе прва ја здогледа и толку било потребно за нејзината судбина да е смената. Не знаеме што се вртеше низ нејзината глава, сѐ е можно.
.
Доаѓа вработениот и ја вади рибата од аквариумот. Така спонтано е оттргната од својот дом, од своите пријатели и роднини. Нејзиниот глас бил поништен кај гласачкото место и мора сега да живее со одлуките што ги направиja The Powers That Be. Влегува во тотален шок кога е извадена и исто така е воодушевена со тоа што го гледа. Сега таа гледа нови хоризонти, тотално нов свет. Гледа дека оваа цела просторија е полна со аквариуми и дека таа не е единствената што го доживува овој процес. Гледаа како ракови, октоподи и други риби го доживуваат истиот процес, не знаејќи ја својата судбина и што им следи. Единственото што го знаеа е дека вработениот е целосно покриен во бело, од глава до петици и извалкан со некакви темни капки. И дека тој се преселува во друга просторија, но нивниот видик е спречен од една сиво-неутрална врата.
И така завршувале или започнувале приказните на многу риби. Воглавно овој процес бил многу чест, се сметала како редовна појава помеѓу рибите. Тие не знаеле што значело ова, не знаеле дали е добро или лошо. Но сепак, тие се надевале дека ова било нешто добро за нив и дека најдобрите помеѓу нив би ја добиле оваа чест. Се правеле легенди и митови за што можело да постои после водната бариера што ги разделува нив и другиот свет. Сите сакале да видат како ќе е на другата страна. Дали ќе е таму по зелена тревата, почиста водата, повкусна храната? Почнале да се здружуваат, да се предаваат, да се вклучуваат сојузи и да се водат војни за кој да биде најнапред. Кој да го зафаќа најголемиот дел од видикот на богот избирач што ја одбира рибата. Сите ќе одеа напред надевајќи се дека ќе бидат избрани, ама ако не се одбрани барем да добијат некаква награда, како на пример храна за својата храброст во борбата. Но, тоа некогаш се случувало, некогаш не. Зависело од милоста на боговите.
Во овие конфликти немало жртви, но имало повредени Како на пример единствената flowerhorn риба. Кутрата риба се борела за да е избрана, но таа немала скоро никакви шанси при изборот и секогаш била буткана назад заради нејзините разлики. Не само што е буткана назад, со секој удар што се случува врз нејзината грпка, таа добивала повреда- но лесно и зараснувале нејзините повреди. Потешки се повредите што таа ги правела при себе-фрлањето кон ѕидот, со цел да го добие вниманието на избирачот и да ја смени одлуката. Но до никаков успех. Пополека аквариумот се испразнува. Популацијата се намалува и секој има повеќе простор да се покаже себе пред публиката на модната ревија. На сите им се зголемуваат шансите, но сепак не подеднакво. Повторно нашиот пријател, останува сам назад турнат – константно се бори, трудејќи се силно да го добие вниманието . И тоа ќе го прави, сè дури не дојде денот да е избрана или денот ко ќе падне заради нејзините повреди од долгата борба. После одредено време, после многу избори и минувачи доаѓа тој ден-конечно, фала богу.

Нашата аквариумска риба која што е многу ценета и скапа, но по изглед не е толку привлечна, се буди сама во аквариумот. Дури спиела била избрана претпоследната риба. Таа останала сама и се израдувала. Можеби не била меѓу првите, ниту средните, но битно сепак била одбрана, односно според нејзе, верувала дека ќе биде избрана штом само таа останала. Доаѓа првиот избирач и застанува покрај аквариумот. Тропка на стаклото очекувајќи да излезат сите риби, но здогледува само една. Нашиот пријател дава релаксиран здив, знаејќи дека моментот за кој мечтаел толку време конечно дојде, но сѐ што е убаво кратко трае. Гледа како уште поинтензивно личноста удира по стаклото, надевајќи се дека ќе ги разбуди другите риби и ќе дојдат на избор. Маваше толку силно што ќе те фати страв да не го прободе ѕидот помеѓу двата света. Ова нормално, го вознемирува нашиот протагонист. Тој повторно почнува да го удира стаклото со својата глава, со цел да го добие вниманието, плашејќи се дека е незабележан. Избирачот си го губи своето трпение, ја врти главата лево-десно и наеднаш заминува, одејќи да го посети другиот аквариум. Моментот кога тој ја сврти неговата глава, рибата почна сè посилно и посилно да мава по ѕидот, но тоа не води до никаков успех за повторно да го добие вниманието што некогаш го имало. После долго протестирање, застанува затоа што е изморена и се убедува дека следниот пат ќе биде тој пат. Тој пат кај што ќе биде одбрана, конечно нејзиниот труд ќе биде награден. И за брзо доаѓа тој следен пат, но не до нејзината замисла. Сега воопшто не ни застануваат да направат инспекција на аквариумот. Тотално е изигнорирана рибата која што пробува да е видлива, сите со брз чекор ја поминуваат. Влегуваат од вратата и сите како производи од сериска линија, еден по друг тотално го негираат постоењето на рибата. Во меѓувреме таа се бори, до ризични граници. Ова го правеше сѐ дури не беше избрана, се спушти од горе избирачката рака и нејзината желба се исполни. Ова се случи дури правеше голема и веројатна последна офанзива која што сигурно ќе завршеше фатално, но во последен момент како божествена интервенција е спасена од своите амбиции  што ја давеа. Не веруваше во тоа што го гледа, конечно дојде тој момент. Ангелот во бело ја зема нејзе и конечно ќе ја носи низ чистилиштето што се наоѓа над аквариумот и верува дека ќе е однесена во рајот после таа врата. Наликува на Дантеевата „Божествена Комедија“ со нејзините 3 света. Беше во пеколот, сега е во чистилиштето и потоа ќе оди во рајот. Ќе оди зад вратата, местото каде што одат сите, но никој не се враќа. Не постои никаков поштар, освен ангелот, што може да ни соопшти и пренесе она што се случува по таа врата. Тој седи мирен, не говори за ништо, само љубезно нѐ набљудува. Тој е невиден стоик.
Сега и тој ќе го доживее истото искуство што го доживуваат сите негови пријатели, роднини, ривали, по патеката каде што сите отишле и сите што ќе одат. Доаѓа тој момент, се отвора вратата и паѓа од небото голема освежувачка бела светлина. „Конечно, пристигнав. Ќе ги видам повторно, ќе бидам со нив повторно, и ќе бидам повторно во таа утопија“ -си помислува рибата. Но, што гледа таа всушност? Најпрво, не го разбира тоа што го гледа. Гледа како паѓаат големи светли железни предмети од небото. Со нив ракуваат ангелите во бело и наместо жолти ореоли, тие носат бели кули што растеле од нивните глави. Наеднаш доаѓа до реализацијата на тоа што се случува. Плаче за помош, во гласот има очај, сака назад да се врати и да се спаси од тоа што и следи. Гледа како другите се пресечени на половина од тие светли објекти и ги слуша нивните молби за прошка. Сирените пеат и нивната песна не е среќна. На другата страна од врата тие беа глуви, но сега ушите им се отворени. Протагонистот гледа како се варат и пржат неговите бивши сограѓани, некои дури и живи. Како што е традиција со раковите, тие се готват така што се варени живи. Истата судбина го следи нашиот пријател. Тој е подготвен во супа и однесен кај господин што седи на маса со голема група на луѓе. Господинот високо ја крева чашата вино и на цел глас извикува „Живели“.