#РаскажиМи: „Јаве или сон“ од Ангела Василевска

Овој пат во рубриката #РаскажиМи го читаме расказот „Јаве или сон“ од Ангела Василевска.

Јаве или сон

Да чекаш животот сам од себе да се подобри, е исто како да чекаш да зоврие вода на угасена рингла. Залудно е. Освен ако не сториш нешто во врска со тоа. Така чекаше Човекот, да му падне од небо, тоа „доброто“ што го нуди животот и што баш него го чека. На почетокот, неговите блиски го тешеа, мислеа дека е некаква депресивна фаза во прашање. Грешка. Тие негови блиски пријатели пробуваа да го расположат, да го насмеат, да го пренасочат кон светлата страна на животот. Да му покажат дека среќата понекогаш може да се најде и во најобичните нешта.

Во едно добар ден, во една случајна насмевка, во еден културен гест, во добар разговор со пријател, но залудно беше да му се говори на Човекот. Беше толку убеден, дека сето тоа што му го зборат е само бесмислица, бела лага, креирани одговори специјално за него, за да го одвратат од неговиот поубав живот, што не ни знае дали ќе го дочека. Тие истите блиски пријатели почнаа полека, но сигурно, да стануваат странци. Полека Човекот остана сосема сам. Сам да си ги чека подобрите денови. Така чекајќи, знаеше да си направи муабет со самиот себе. Луѓето го гледаа чудно и мислеа дека Човекот е луд. Не беа далеку од вистината. Во тој „дијалог“, каде што тешка битка се водеше помеѓу него и самиот него, немаше победник.

Двете страни подеднакво беа јаки со аргументите или слаби со живците. Едно од тие две. Освен ако нема трета опција. Знаеше сам на себе да си каже: „Јас и не сум бил толку будала, што вака си чекам подобрите денови да дојдат. Горниот сигурно има обезбедно нешто многу добро, штом досега ме оставил да ги трпам овие маки. Кај и да е, ќе се навршат триесет и две години од моето патење и талкање по оваа земја. Ти се чини многу триесет години патење? Се чувствуваш лошо поради тоа?  Те разбирам и јас се чувствував исто така. Лошо, депресивно, огорчено, кога ќе видев што се случило, односно, ништо не се случило во мојот живот. Затоа сега сум во состојба на тотална апатија. Се навикнав. Веќе ми стана сеедно. Го оставам мојот живот во рацете на Горниот. Тој е на ред сега. Одлучив повеќе ништо да не правам. Едноставно, си чекам. Па, нели постарите велат кој чека ќе дочека, ете ќе ги послушам. Постарите треба да се слушаат“.

Не знаеше што да прави. Немаше кој да ги слуша тие негови копнежи за подобро утре. Барем така мислеше. Сепак се најде некој и да го чуе. Горниот случајно го слушна неговиот разговор. Всушност и да сакаше не можеше да го игнорира, бидејќи Човекот не престануваше да го споменува секојдневно. Горниот не знаеше дали да бара помош од своите советници или да го казни по своја мера. Сепак се одлучи за нешто трето, да продолжи да го слуша што зборува. Човекот, како и секогаш, седеше на креветот во својот дом, намуртен со прекрстени раце.

Повторно се обрати на самиот себе, овој пат имаше спремено контра аргумент: „Што знаеш бе ти, слепец ниеден? Си работел две-три сироти работи во животот. Мислиш дека ти си најпаметен. Го чекаш Горниот да се смилува и да ти подари, нов и подобар живот. Смешно. Зошто тој би го направил тоа за тебе? Си бил ли нешто корисно во животот за некого? Пријателите каде ти се? Те оставија. Од весел човек се претвори во мизантроп. И тоа поради што? Поради тоа што мислиш дека баш ти си ја одгатнал смислата на животот. Смислата на животот е чекањето? Штета ги искрши сите огледала, па не можеш да видиш колку си смешен. Ако откажувањето мислиш дека е твоето идеално решение, зошто тогаш не се убиеш? И онака нема кој да жали за тебе. Семејство немаш. Пријателите одамна се збогуваа со тебе. Соседите воопшто не ги ставам на списоков. Одамна видоа дека немаш два грама памет. Така што, немаш потреба да чекаш. Ете, ти најдов решение. Самоубиј се. Заврши ја оваа агонија во која живееш“.

Горниот чекаше да види што ќе каже следно. Човекот само воздивна, посегна кон својот џеб и извади кутија цигари. Ја запали цигарата, се потпре со главата на ѕидот и затвори очи. Изгледаше како да го измори разговорот со самиот себе. Горниот се мислеше дали воопшто да се симне и да му каже нешто. Сепак, одлучи да му помогне. Се симна и седна до него, а Човекот не се ни помести, ниту глава не помрдна.

Горниот, се поткашла и со сталожен глас му се обрати на Човекот: „Те слушнав пред малку. Тоа што го збореше звучеше многу тажно и хаотично. А и не можев да не слушнам, ме спомнуваш по сто пати дневно. Полош си и од оние што чекаат да им се падне на лото. Тие варираат со некои триесет спомнувања дневно. „Господе помогни ми, Боже, само сега една седумка, после не мора веќе, Господе ако добијам те честам“.

И никогаш не ме почестиле. Нејсе, животот е непредвидлив. Колку и да ти звучи клише, така е. Ќе имаш и добри и лоши денови. Токму поради добрите денови, не треба да се предаваш на лошите денови, ако ме разбираш што сакам да ти кажам? Може и не ме разбираш. Но, ти кажувам, залудно ме чекаш мене да ти го подобрам животот. Немој да ги трошиш деновите што сум ти ги дал. Јас ти кажав, не ме чекај мене, нема да те носам на подобро место. Немам ни време, а ни волја. А ти ако сакаш, продолжи со тоа твое чекање за подобро утре, кое не верувам дека само од себе ќе дојде. Кај мене во тефтер, те пишува до кој ден си, ама ајде да не го расипувам изненадувањето“.

Човекот не се помрдна на ниту еден збор. Ги отвори очите и го погледна Горниот со неверување. Си мислеше во себе: „Дали сонувам? Дали стварно се симна од горе, за специјално на мене да ми се обрати? Мене ниеден обичен смртник ни збор не ми кажал последниве неколку месеци. А Тој, Господ, Горниот, дојде да ми соли памет. Дали има право така да зборува со мене? Секако дека има и јас зборувам сѐ и сешто, не па Тој“.

Ја изгаси цигарата, како и секоја негова надеж што изгаснала во животот. „Јас чекам само да умрам, и да се родам повторно, на некое друго подобро место, во подобро време и со подобри услови за живот“. – му рече Човекот, гледајќи го сосема мирно. Горниот го погледна Човекот како да го сожалува. Сѐ тоа што го рече Горниот, како да испарило во воздухот, како воопшто да не било кажано. Потоа се вознемири, мислеше дека не успеал да му го промени мислењето, па дури и животот. Не знаеше дали избра погрешни зборови или Човекот воопшто не се ни труди да размислува.

„Јас да знаев дека ќе испаднеш ваков, воопшто немаше ни да те создадам на овој свет. Ваква неблагодарност немам сретнато од многу одамна, од времето на… Не е важно“. – му рече Горниот и стана да си оди, но Човекот не можеше да издржи, а да не му врати со иста мера: „Ти ако мислиш дека си толку паметен, зошто не ми попуштиш и не ме создадеш на поубаво место, како што ти барам? Нели попаметниот попушта? Еве, ти биди тој, остави ме мене да сум будала“.

Горниот беше зачуден од овие зборови. Не му се веруваше колку Човекот може да биде дрзок и безобразен и покрај тоа што има нереални желби. „Ти ако навистина мислиш дека јас правам погрешни одлуки за луѓето и ги создавам на погрешни места, тогаш залудно бараш помош од мене. Од каде знаеш дека повторно нема да се родиш на погрешно место? Од каде знаеш дека на другото место ќе ти биде подобро, а не полошо?“ – го праша Горниот, а Човекот само воздивна.

Не му се веруваше дека води дебата со Горниот, за тоа кој каде треба да биде роден. „Залудно пробуваш да ме разубедиш. Триесет и две години… Три децении те чекам, да ми помогнеш, да ми направиш услуга. Зошто не се појави порано? Зошто сега дојде, за да се инаетиш со мене? Со човек кој е без минато, сегашност и иднина. Со обичен смртник. Мислиш ли дека уживам во своите маки? Или всушност ти уживаш, гледајќи ме мене како патам секој ден? Само барам една работа да сториш за мене и повеќе не ти се обраќам. Ќе заборавам и дека постоиш ако така сакаш“. – му рече Човекот, по малку горделив на својот шах потег.

Мислеше дека Горниот сега ќе попушти, но и двајцата ги споија роговите. Кој би рекол дека ќе дојде до ваков дуел. Кога би се обложувале, знаеме кој со сигурност ќе изгуби во овој натпревар. Кој е доволно луд, да влезе во расправија со Горниот? Само Човекот. Човекот кој нема што да изгуби. А Горниот, секогаш има некој скриен ас во ракавот. „Ти, каде и да се родиш, ќе бидеш ти и никој друг. И да си овде или онде, ти си ти. Не можеш да се родиш среќен. Самиот си должен да се направиш среќен во животот, никој нема да го стори тоа за тебе. Како гледаш на животот, така и ќе ти биде. Бидејќи ти не гледаш ништо друго освен црнила, не може да очекуваш, од нигде никаде да се појави виножито. Ти треба да излезеш од црно-белиот филм и сам да тргнеш во потрага на боите, што ти ги нуди животот. Не сакам да се повторувам, не е тоа својствено за мене. Послушај ме, постар сум. И тоа поприлично. Ти и самиот рече дека постарите треба да се слушаат. Е па ете, направи како што ти велам. Нема да зажалиш“. – му рече Горниот, кој со стил ја заврши оваа партија на расправија.

Сега шах-мат доби Човекот. Горниот тргна по својот пат, бидејќи сфати дека неговата работа е тука завршена. „Фала му на Господ, си отиде. Чекај, дали тоа му се заблагодарив на Горниот за Горниот? Чудно е што…“ – не успеа да дорече Човекот. Наеднаш се разбуди. Дишеше многу забрзано, беше целиот облеан од студена пот. Беше збунет. Не му беше јасно, дали сè уште сонува или можеби Горниот повторно ќе проговори од некаде. Се подисправи на креветот, успеа да се соземе. За момент се замисли. Не знаеше дали смее да поверува во тоа што го сонил.

Човекот остана без зборови. Еден разговор и тоа каков разговор, му ги отвори очите. Буквално. Се сврте и ја погледна рамката со слика, што беше до неговиот кревет. Виде друштво на насмеани и среќни лица, гушнати. На сликата беше Човекот, со неговите најблиски. Се насмевна. Сфати дека сето тоа што го зборувал, било само на сон. Сфати дека добил втора шанса. „Глупак…“- промрмори Човекот, легна назад во креветот и продолжи да спие. Со намера овој пат да сонува нешто поубаво. „Уште една изгубена душа е спасена. Сè уште ме бива“. – се насмеа горделиво Горниот и го остави Човекот на мир да сонува. За подобро утре.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.