Раселените од поплавите уште 2 месеци можат да останат во училишните домови

Околу 190 лица од поплавените подрачја во скопскиот регион кои престојуваат во училишните домови „Томе Стефановски – Сеник“ и „Партенија Зографски“, можат да го продолжат престојот уште 60 дена, соопшти Министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска-Ременски по посетата на поплавените подрачја.

Таа информираше дека во домот „Сеник“ ќе се сместат стручни лица од Министерството кои ќе направат проверки на потребите на сместените лица, а ќе бидат формирани и теренски тимови кои ќе проверуваат дали раселените граѓани имаат услови да се вратат во своите домови.

Ташевска-Ременски апелираше до граѓаните на поплавените подрачја кои се наоѓаат во социјален ризик, а не побарале помош од институциите, веднаш да го направат тоа.